ЈА ОШТЕТИЛ ДРЖАВАТА ЗА НАД 500.000 ДЕНАРИ Вработен во „Национални шуми“ ја злоупотребил функцијата

Пријавениот издавал испратници без законско одобрение, со што им овозможил на физички лица да се здобијат со противправна корист.

637

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против 58-годишниот С.П. од Охрид, со престој во општина Вевчани, поради сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

Пријавениот, кој работел како референт за превоз во Јавното претпријатие „Национални шуми“ – Подрачно шумско стопанство „Јабланица“ во Струга, издавал испратници спротивно на законските прописи.






„Лицето издавало испратници без претходно одобрение за сеча и спротивно на Правилникот за жигосување и издавање испратници, овозможувајќи им на физички лица да се стекнат со противправна имотна корист“, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Со овие незаконски дејствија, на Јавното претпријатие „Национални шуми“ му била нанесена штета во висина од 506.850 денари, а оштетен бил и Буџетот на Република Северна Македонија во делот на данокот на додадена вредност и проширената репродукција на шумите.

„МВР и натаму ќе презема мерки против сите кои ја злоупотребуваат службената должност и со тоа нанесуваат материјална штета врз државата“, додаваат од полицијата.

Поврзани содржини