ТРАМП ГО ПРЕКИНАЛ СОСТАНОКОТ ЗА ДА ДОГОВОРИ ТРОЈНА СРЕДБА „Зборував со Путин, локацијата допрва ќе се одреди“
Според извори на светските медиуми, Трамп ја прекинал средбата со европските лидери за да разговара со Путин. Кремљ потврди дека разговорот, кој траел околу 40 минути, бил инициран од Трамп.
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, соопшти дека остварил телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин и започнал подготовки за тристрана средба со него и украинскиот претседател Володимир Зеленски, со цел изнаоѓање решение за конфликтот во Украина.
„Имав многу добра средба во Белата куќа со угледни гости, меѓу кои претседателот на Украина Володимир Зеленски, претседателот на Франција Емануел Макрон, претседателот на Финска Александер Стуб, премиерката на Италија Џорџа Мелони, премиерот на Обединетото Кралство Кир Стармер, канцеларот на Германија Фридрих Мерц, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и генералниот секретар на НАТО Марк Руте. Средбата заврши со дополнителни разговори во Овалниот кабинет“, напиша Трамп на социјалната мрежа „Трут Соушл“.
Трамп го сопрел состанокот по 40 минути да му се јави на Путин
Според извори на светските медиуми, Трамп ја прекинал средбата со европските лидери за да разговара со Путин. Кремљ потврди дека разговорот, кој траел околу 40 минути, бил инициран од Трамп.
Јуриј Ушаков, главниот преговарач на Путин, потврди дека Трамп го известил Путин за разговорот во Белата куќа.
– Се разговараше за идејата да се разгледа можноста за подигнување на нивото на преставници од украинска и руска страна во директните преговори – откри Ушаков.
Трамп по средбата најави дека се разговарало и за безбедносните гаранции, координирани меѓу САД и европските земји.
– Сите се многу задоволни од можноста за мир меѓу Русија и Украина. По завршувањето на средбите, разговарав со претседателот Путин и започнав подготовки за средба меѓу него и Зеленски на локација што допрва треба да се одреди – истакна Трамп.
Тој нагласи дека по оваа средба ќе следи тристрана средба меѓу него, Путин и Зеленски.
Средба за 2 недели, гаранции за 10 дена?
Од друга страна, Зеленски, по состанокот изјави дека е подготвен за средба со Трамп и со Путин и дека можно е гаранции за Украина да бидат изготвени за 10 дена.
– Подготвени сме за билатерална средба со Путин, а потоа и за трилатерална со Трамп – рече Зеленски истакнувајќи дека прашањето за евентуални територијални отстапки, какви што бара Русија, ќе биде „тема која ќе ја оставиме за разговор меѓу мене и Путин“.
Дека средбата Трамп-Путин-Зеленски е можна навести и германскиот канцелар. Фридрих Мерц рече дека Путин и Зеленски ќе се сретнат во рок од две недели.
„Американскиот претседател разговараше по телефон со рускиот претседател. Тие се согласија дека ќе има средба меѓу рускиот и украинскиот лидер во наредните две недели“, рече Мерц пред новинарите.
Тој додаде дека останува неизвесно дали Путин ќе има храброст да учествува на ваква средба и нагласи дека ќе биде потребно убедување.
Мерц, кој беше дел од европската делегација на разговорите во Вашингтон со Трамп и Зеленски, истакна дека Украина не смее да биде притискана да отстапува територии и дека тоа би било „како од САД да се бара се откажат од Флорида“.