ЛАЖНИ ДВОЈНИЦИ ЌЕ ГИ ЗБУНУВААТ ГЛАСАЧИТЕ НА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ Се заканува ли девалвација на кандидатските листи?

Одлуката на ДИК да им дозволи на граѓаните да се кандидираат на изборите со само два потписа, иако изгледа како поттик за демократија, во суштина отвора простор за злоупотреби и за изборен хаос. Наместо фер и јасна трка, граѓаните би можеле да се соочат со километарски долги гласачки ливчиња, лажни кандидати и политички манипулации. Наместо поголема доверба, овој потег ризикува дополнително да ја девалвира изборната процедура.

2,834

Само два потписа ќе бидат доволни за независните кандидати да влезат во изборната трка за октомвриските локални избори – решение што на хартија изгледа демократско, но во пракса отвора сериозни проблеми.

Правните експерти предупредуваат на три големи ризици: поплава oд кандидати без сериозна намера, злоупотреба со слични или позајмени имиња на кандидати кои ќе ги збунат гласачите, како и километарски долги гласачки ливчиња.






Одлуката ја донесе Државната изборна комисија (ДИК) на синоќешната седница со шест гласа „за“ и еден „против“. Таа е привремено решение, поради тоа што во мај Уставниот суд укина одредби од Изборниот законик со кои се регулираше бројот на потребни потписи.

Три големи проблеми

Досегашниот модел бараше најмалку 1% потписи од избирачите во конкретната општина или во Град Скопје. Тогаш граѓанските иницијативи се жалеа дека условот е претежок. Но сега, по укинувањето на членот, дојде спротивната крајност – двајца луѓе се доволни за кандидатура.

– Ова е премин од една екстрема во друга. Од премногу висок праг, до речиси никаква бариера – велат упатените.

Првата последица е повеќе од очигледна: секој што сака ќе може да се најде на гласачкото ливче. Ако порано беше тешко да се обезбедат стотици потписи, сега доволни се двајца пријатели или соседи. Тоа носи ризик од преплавување на изборите со имиња кои немаат ниту програма ниту сериозна намера да работат во интерес на граѓаните.

Вториот проблем е уште позагрижувачки. Историјата на избори во земјава веќе покажа дека постои пракса на поднесување кандидатури со слични имиња на познати политичари – таканаречени „лажни двојници“. Со новиот праг од два потписа, ваквите злоупотреби може да станат секојдневие.

Третиот проблем е чисто технички. Ако се пријават стотици кандидати, гласачките ливчиња ќе бидат километарски долги. Наместо да избираат со леснотија, гласачите ќе се соочат со хаос, забуни и грешки при заокружувањето.

Масло на ДУИ

Пратеникот Антонио Милошоски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ смета дека вистинската цел на оваа промена е да се создаваат изборни компликации.

Не би ме чудело доколку биде ангажирана и специјална партиска логистика која ќе има задача да предизвика хиперинфлација на кандидати за советници и за градоначалници.

Антонио Милошоски Пратеник, ВМРО-ДПМНЕ

– Ова е масло на ДУИ. Целта е се внесе несигурност и да се предизвика политичка криза. Партијата на Али Ахмети очигледно решила да создава изборни компликации. Не би ме чудело доколку биде ангажирана и специјална партиска логистика која ќе има задача да предизвика хиперинфлација на кандидати за советници и за градоначалници – истакна Милошоски.

На тој начин, додава тој, планираат да ја отежнат работата на Државната изборна комисија (ДИК), како и да се искомплицира работата на медиумите затоа што секој кандидат ќе треба да добие подеднакво медиумско внимание како и останатите.

– Плус, ќе се изврши и удар врз буџетот затоа што секој освоен глас на независен кандидат на изборите се плаќа 45 денари. Во секој случај, нѐ очекува бурен и тензичен период – предвидува Милошоски.

Актерката Софија Куновска, поранешна претседателка на Градската организација на СДСМ, во разговор за Плусинфо вели дека таа лично е силен поборник на автентичниот граѓански активизам како алтернатива на рововскиот инает на големите партии кои сѐ уште соодветно не ја вреднуваат пораката на гласачите дека нивните погубни политики се прочитани и затоа сѐ помалку луѓе им веруваат.

– Сепак, морам да истакнам дека предолгото тактизирање со затворањето на уставно-правната празнина ми мириса на тактика кроена во штабовите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, кои сега ќе стимулираат „независни“ кандидати по нивен терк, со калкулација да му наштетат на политичкиот противник. Стравувам дека оваа состојба се креира со цел да се девалвира опцијата на граѓански кандидати за градоначалници и советници. Претстои тешка борба за разобличување на триковите на „големите“ партии кои се многу инвентивни кога се работи за нивните интереси. Мислам дека демократската битка започнува, но не завршува со локалните избори – вели Куновска.

На локалните избори во 2021 година за независни гласаа 56.000 граѓани, со што внесоа свои независни претставници во 33 општини и во Градот Скопје.

Нѐ очекува хаотичен изборен период

Разумно ми звучеше 0,5% како праг за независните кандидатури за советнички листи и вистинска штета е што не се изгласа, па сега ризикуваме тотален хаос и отворање на можноста некој кој би сакал да го претвори изборниот процес во тотален дебакл и на пример да ја обвини власта за истото, може да организира 100-200 независни кандидатури во повеќе општини каде има за цел да го руши процесот, а за нив да му требаат 200-400 потписи, ни изјави новинарот и ТВ-водител Богдан Илиевски-Бетмен Велит.

Кому не би му одговарало да има хаотични избори со по 50 кандидатски листи во некоја општина? На оној кој според анкетите очекува сигурна победа, или на оној кој според анкетите оди во амбис и во политичка пензија?

Богдан Илиевски ТВ-водител

– Друго прашање е што концептот на „независни“ советнички листи ми е малку неразбирлив, имајќи предвид дека не постои такво нешто. Секој „независен советник“ за да ги спроведува точките од својата програма треба да соработува со политичките партии, односно да зависи од поддршката на поголемите партии. Независен може да биде некој кандидат за градоначалник, кој од бизнис секторот на пример влегува во политика, но по изборот и неговата работа стриктно ќе зависи од политичките партии и преговорите со нив. И трето, добар дел од т.н. независни советнички листи, како онаа на Поинаку во Битола, функционираат како политичка структура, со организација, со хиерархија, со сите одлики на една партија. Не гледам причина зошто не би се формирале како партија, освен ако целта не е друга, да симулираат „независност“, за да откинуваат гласови кои би завршиле во власта, со популистичка реторика – знаејќи дека никогаш нема да имаат целосна „контрола“ над советот на општината. А инаку би биле гласови кои поинаку не би завршиле директно на контото на СДСМ. Не зборувам само за Битола, туку за секаде – објсанува Илиевски.

Но, ете, продолжува тој, состојбата во моментов е таква да нѐ очекува потенцијално многу хаотичен изборен период во кој сметам дека би било коректно кон граѓаните т.н. независни листи кои функционираат поорганизирано да се формираат како партии, па така да излезат на мегдан и со понуда пред граѓаните.

– А имајќи ја предвид негативната селекција децении наназад во дел од претставничките тела (совети, собрание) не би ме чудело во секое маало да има по двајца кандидати за советници кои, гледајќи кој ги претставува, си велат – „еј, па и јас можам да бидам функционер“. И веројатно се во право, по тој критериум. И не заборавајте, кога размислувате како дојдовме дотука, да се има предвид следното – кому не би му одговарало да има хаотични избори со по 50 кандидатски листи во некоја општина? На оној кој според анкетите очекува сигурна победа, или на оној кој според анкетите оди во амбис и во политичка пензија? – прашува Илиевски.

Што мислат партиите?

Од СДСМ велат дека им е криво поради тоа што се пропуштила шансата за прифатлива фер рамка.

– Се ризикува изборите да се претворат во хаос. Мора многу внимателно да се разгледаат сите правни аспекти. Жалиме што се пропушти шансата да се стави рамка која беше добра и прифатлива за сите – изјави Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат направиле сѐ што можеле да направат, но ДУИ решиле да го блокираат процесот.

Стравувам дека оваа состојба се креира со цел да се девалвира опцијата на граѓански кандидати за градоначалници и советници.

Софија Куновска Поранешна претседателка на Градската организација на СДСМ

„Во однос на правните нерегуларности поднесовме предлог измени на изборниот законик, за намалување на прагот од 0,95% кој потоа беше дополнително намален за 0,5% и прифатен од наша страна и од коалицијата. Но, проблемот е во тоа што ДУИ е исплашена од пораз на следните избори и од страв не ги поддржа измените на изборниот законик“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од ДУИ, пак, се повикуваат на одредбата на Уставниот суд во делот на резидентното и неразидентното население поради што не ги поддржаа измените, укажувајќи дека без нивните гласови не може да поминат одлуки со двојното мнозинство, односно според Бадентеровиот принцип.

Предлогот за намалување на прагот беше дочекан на нож од страна на независните кандидати.

„Пратениците повторно одлучуваат во име на независните кандидати без да ги земат предвид нашите барања. Новиот противуставен предлог повторно се сервира иако пред повеќе од два месеца до сите пратеници доставивме информации за бројот на потребни потписи во други европски земји, а им ги доставивме и меѓународните препораки за добри практики иако тоа се информации што веќе тие самите би требало да ги имаат“, велат од Зелен хуман град.

Поврзани содржини