📽 КАКО ДА СЕ „ЛАПНЕ“ СПОРТСКИ АЕРОДРОМ И ДА СЕ НАПРАВИ БАЛКАНСКИ ВУДСТОК НА 250.000 КВАДРАТИ „Дион Стенковец“ има големи амбиции, а дали ги има и сите потребни „папири“?
Еден скромен угостителски објект на спортскиот аеродром Стенковец, легализирана дивоградба, во 2019 година е реконструиран без градежна дозвола и сега закупецот „Дион" тврди дека располага со неверојатни 250.000 квадрати за свадби, за концерти и за други настани.
Несекојдневна реклама на социјалните мрежи тврди дека во близината на Скопје, на спортскиот аеродром Стенковец, никнал објект кој организира свадби, разни други настани и концерти, за што на располагање има неверојатни 250.000 квадрати.
Како е тоа можно? Дозволено ли е на аеродром на кој полетуваат и слетуваат авиони да се организираат концерти а ла Вудсток? И кој стои зад овој чуден бизнис проект наречен „Дион Стенковец“?
Само рекламен трик?!
Од Министерството за транспорт и врски за Плусинфо велат дека Владата итно ќе донесе одлука да ги ангажира сите релевантни институции за да го преиспитаат работењето на објектот, со кој стопанисиува Аеро-клубот „Скопје“, но е даден под закуп на ресторанот „Дион“. Рекламата упатува дека ова е предизвик и од безбедносен аспект.
Под лупа ќе бидат сите документи за легализација на стариот објект и за реконструкцијата, но и дозволите за работа и договорите за закуп. Во акцијата најверојатно ќе се вклучат Агенцијата за цивилна воздушна пловидба, Министерството за финансии, Финансиската полиција и други надлежни органи.
Ќе се преиспитува и стопанисувањето со слични спортски и други објекти во земјава, бидејќи познавачите велат дека бизнис-проектот во Стенковец не е единствен таков случај во земјава.
Аеро-клубот и „Дион“ тврдат дека нема ништо спорно
Во Аеро-клубот „Скопје“ велат дека нема ништо спорно. Долгогодишниот член на Аеро-клубот и инструктор по падобранство, Јане Стефанов, објаснува дека тоа што настаните во „Дион Стенковец“ се рекламираат како да се одржуваат на површина од 250.000 квадратни метри е само „рекламна хипербола“ на Инстаграм, но дека реално се користат само околу 35.000 квадрати, без да се зафаќа пистата или целиот аеродром.
И сопственикот на „Дион“, Никола Талев, за Плусинфо тврди дека објектот во Стенковец бил „со сите дозволи“, за што може да се увериме кај субјектот што го издава под закуп. И Талев објаснува дека тоа што во објавите на социјалните мрежи се спомнуваат 250.000 квадрати било само – рекламен трик.
Но, дали е дозволено во рекламите да се „продаваат“ неточни информации?
Боки 13 вели дека не е поврзан со „Дион Стенковец“
Со оглед на тоа што се раширени сомневања дека зад овој „бонбона-бизнис“ можеби стои Бојан Јовановски алијас Боки 13 – човек кој се „прослави“ со еден неоставрен крими проект со владата на Зоран Заев и кој очигледно успева да оствари добра комуникација со сите влади – Плусинфо побара одговор и на прашањето дали евентуално тој има врска со проектот „Дион Стенковец“. Треба да се има предвид и тоа дека Боки 13, како влијателен инфлуенсер, интензивно го рекламира ресторанот „Дион“ на социјалните мрежи.
Во изјава за Плусинфо, Бојан Јовановски негира било каква поврзаност со овој проект и упатува одговори да побараме кај сопственикот на „Дион“. Во дополнителна комуникација со новинар на редакцијата, Боки 13, предизвикан веројатно од прашањата, возбудено тврди дека станувало збор за „клевета“ и бара да не биде спомнуван во овој контекст, а инсистира известувањето да било „професионално“.
Талев потврдува дека Боки 13 немал врска со „Дион Стенковец“ и додава тој со инфлуенсерот немал деловна соработка, туку Боки 13 го рекламирал на своја иницијатива и бесплатно. Тоа е малку чудно, со оглед на фактот што во некои од рекламите се спомнуваат и ваучери од „Дион“. Но и таа работа нека си ја расчистат надлежните органи.
Какво решение издале Чучер Сандево и Агенцијата за цивилна воздушна пловидба?
Објектот кај аеродромот Стенковец има решение за легализација, донесено врз основа на постоечки претходен „див“ објект. Во 2019 година Општина Чучер-Сандево издала решение за реконструкција на стариот објект, со претходна согласност од тогашниот директор на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Томислав Тунтев.
Според ова решение, просторот требало да опфати до 35.000 метри квадратни, велат од АЦВП за Плусинфо.

Меѓутоа, рекламата со „хиперболата“ сепак наложува надлежните органи да испитаат дали закупецот има планови за ангажирање на 250.000 квадратни метри од овој простор, што бездруго може да го загрози безбедното функционирање на самиот аеродром. Ова е таа реклама:
View this post on Instagram
Претходниот објект бил дивоградба, дали е таков и новиот?
Добро информиран извор од Општина Чучер-Сандево тврди објектот пред реконструкцијата бил без одобрение за градба, што ќе рече бил „див“, па потоа бил легализиран. Изворот тврди дека и неколку други објекти на спортскиот аеродром Стенковец се „диви“. Органите треба да истражат како „Дион“ се појавил во плановите на општинските раководители во Чучер-Сандево и како се родил „бонбона проектот“.
Клучно прашање е дали новиот, наводно реконструиран објект, е со градежна дозвола. Има сомневања дека објектот е стокмен ваков каков што е без дозвола и дека се „вози“ на приказната дека само бил преправен стариот, легализиран објект. Но, треба да се проверат тврдењата дека објектот во габарит и во висина го надминува стариот, а тоа веќе не е „реновирање“, туку интервенција за која се потребни други дозволи.
Во крајна линија, темата има и суштинска димензија. Спортскиот аеродром Стенковец, како и многу слични објекти во земјава, не е приватен посед. Своевремено, владата на Никола Груевски одлучила ваквите објекти да ги дава на стопанисување на спортски клубови и на сродни субјекти. Но, како што тоа обично бива, разни фаци од бизнисот тука „намирисуваат“ потенцијали за профитни зделки, бидејќи со скромни закупи и вложувања, можат да се заработат големи пари.
Каква полза имаат државата, спортистите и спортот воопшто од ваквите проекти?