ХИЛАРИ ИЗНЕНАДИ СО ИЗЈАВАТА, ТРАМП РЕЧЕ ДЕКА ЈА ЦЕНИ „Би го номинирала за Нобелова награда ако ја сопре војната“
Ако може да ја запре руската војна без да ја стави Украина во позиција да ѝ отстапи територија на агресорот, ако претседателот Трамп го направи тоа, јас би го номинирала за Нобелова награда за мир, рече некогашната соперничка на Трамп во поткастот Raging Moderates.
Поранешниот државен секретар на САД и некогашна прва дама Хилари Клинтон вчера најави дека би го номинирала американскиот претседател Доналд Трамп за Нобелова награда за мир ако тој ја запре руската војна во Украина, јави Еј-Би-Си Њуз.
Хилари го кажа тоа пред историската средба меѓу Трамп и рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска и додаде дека тоа е нешто што Трамп одамна го посакувал и дека изразил незадоволство што не го добил.
– Ако може да ја запре руската војна без да ја стави Украина во позиција да ѝ отстапи територија на агресорот, ако претседателот Трамп го направи тоа, јас би го номинирала за Нобелова награда за мир– рече Клинтон во поткастот Raging Moderates.
Клинтон, која беше и кандидатка за претседателка во 2016 година, рече дека Трамп навистина може да се соочи со Путин за да стави до знаење дека мора да има прекин на огнот, дека нема да има размена на територии и дека Путин треба да се повлече од териториите што ги окупирал во определен временски период за да покаже „напори во добра волја“.
Трамп по средбата изјави дека го цени коментарот на Клинтон.
– Не сакам да бидам вклучен во такви работи. Ако таа го кажала тоа, тоа е многу убаво. И навистина го ценам – рече Трамп за Хилари која му беше и соперничка на претседателските избори во 2016 година.
Историската средба меѓу Путин и Трамп траеше нешто помалку од три часа. Потоа Путин потенцираше дека постои потенцијал за соработка меѓу Русија и САД, додека Трамп подвлече дека има напредок, но нема договор.
Актуелната дама на САД, пак, Меланија Трамп, не присуствуваше на состанокот, но во писмо се осврна на тешката положба на децата погодени од војната во Украина и Русија.
Трамп за време на состанокот му го предаде писмото на Путин. Официјални лица за Ројтерс изјавија дека во него се споменуваат киднапирањата на деца за кои Киев ја обвинува Москва.