СЕ ПАЗАРЕЛ СО СВЕДОК, ВЕТУВАЛ ДЕКА ЌЕ ПОСРЕДУВА, ГО ФАТИЛЕ СО 10.000 ЕВРА Расчистен скандал во судски граѓански спор

Случајот го пријавил сведокот, откако му исплатил 5.000 евра на лицето, како дел од договор сумата да се исплати на рати. Според соопштението на Обвинителството, лицето на сведокот му тврдело дека другата страна веќе исплатила поголеми суми за да влијае врз судиите во граѓанскиот спор.

1,808

Полицијата уапси лице кое примило вкупно 10.000 евра од април до август оваа година за да посредува во граѓанска постапка во суд во Скопје. Случајот го потврди и Јавното обвинителство (ЈО) кое поведе истрага за случајот и побара притвор за осомничениот.

Според соопштението на ЈО, осомничениот претходно им побарал на сведок во постапка и на неговиот брат 16.000 евра тврдејќи дека другата страна давала многу повисоки износи, но дека судиите не сакале да се нафатат за да пресудат нешто што не било правно основано.






Случајот го пријавил сведокот, откако му исплатил 5.000 евра на лицето, како дел од договор сумата да се исплати на рати.

„Бидејќи сведокот му кажал дека не може да обезбеди толку пари наеднаш, се договориле за исплата на три рати. На 30 април, чувствувајќи дека нема друг избор, сведокот му дал на осомничениот 5000 евра, по што осомничениот го уверувал да не се грижи за исходот и целиот период биле во комуникација во врска со постапката. Во тој период сведокот решил да ја пријави трговијата со влијание и при следната исплата на 5.000 евра, осомничениот е лишен од слобода веднаш по приемот на парите“.

Во соопштението на ЈО се објаснува и дека сведокот дошол во контакт со осомничениот преку пензиониран-судија сакајќи да провери гласини дека другата страна во спорот веќе врши влијание врз судиите.

„Сведокот-пријавител кој во граѓанската постапка е управител на правно лице, почнал да добива информации дека спротивната страна во судскиот спор врши сериозно влијание врз судиите кои одлучувале во првостепените и второстепените постапки давајќи поткупи за да се донесат одлуки во нивна полза. Сакајќи да ги провери таквите информации, од свој познаник-пензиониран судија добил контакт од осомничениот, кој му бил претставен како „лице кое ги познава состојбите во судовите и е близок со судии од Апелациониот суд Скопје”.

 

 

Поврзани содржини