ЗОРИЦА ВЕЛКОВСКА Е НОВ ПРЕТСТАВНИК ОД МАКЕДОНИЈА ВО ЕУРИМАЖ Од неа се очекува успешно да ги промовира македонските филмски проекти
Од Агенцијата за филм нагласуваат дека назначувањето треба да придонесе кон унапредување на позицијата на македонската кинематографија во европскиот и во светскиот контекст.
Зорица Велковска е именувана за национална претставничка во Управниот одбор на Еуримаж — фондот на Советот на Европа за поддршка на копродукција, дистрибуција и прикажување на европски филмови, соопшти Агенцијата за филм.
Управниот одбор го сочинуваат национални претставници на сите земји-членки, а новиот мандат за Македонија доаѓа со очекувања за посилно позиционирање на домашната индустрија на европската сцена.
Велковска е културен стратег и советничка за културна политика и меѓународна соработка, коосновачка на Центарот за социјални иновации БЛИНК 42-21, со повеќе од 15 години искуство во културниот и аудиовизуелниот сектор. Во својата кариера учествувала во значајни национални продукции како „5плус“ и „Преспав“, била национална координаторка на проектот Европски филмски предизвик и активен учесник во бројни иницијативи финансирани преку програмата „Креативна Европа“, како и во меѓународни копродукции.
Од Агенцијата за филм нагласуваат дека назначувањето треба да придонесе кон унапредување на позицијата на македонската кинематографија во европскиот и во светскиот контекст: зајакнување на копродукциските врски, поефикасна дистрибуција и промоција на домашните наслови, како и доследно промовирање на принципите на инклузивност, одржливост и креативна соработка во сите грантови на Еуримаж.
Со новата национална претставничка, очекувањата се дека апликациите од Македонија ќе бидат уште подобро усогласени со приоритетите на фондот, а проектите од земјава ќе добијат повидлива поддршка на европски фестивали и пазари.