БРИСЕЛ СО ОСТРО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ДО СРБИЈА Медиумите и граѓаните мора да бидат заштитени
Европската комисија и еврокомесарката за проширување испратија јасни пораки до Белград – да се гарантира безбедност на новинарите и учесниците на протестите.
Европската унија остро го осудува секој чин на насилство, вклучително и заканите кон новинарите, и повикува на прекин на секоја ескалација на тензиите, изјави денеска портпаролот на Европската комисија, Гијом Мерсие, како реакција на настаните за време на синоќешните протести во Србија.
Мерсие нагласи дека ЕУ „многу внимателно“ ја следи ситуацијата, потсетувајќи дека правото на мирни демонстрации и слободата на собирање мора да се почитуваат, а властите имаат обврска да ги заштитат учесниците на собирите од штета или насилство.
Во својата изјава, тој ја истакна и важноста на слободата на медиумите и изразувањето, нагласувајќи дека независните медиуми мора да можат да ја извршуваат својата улога како контролори на власта, со цел зголемување на транспарентноста и одговорноста на јавните личности и институциите.
ЕУ најави дека внимателно ќе ги следи овие прашања во контекст на преговорите со Србија за членство во Унијата.
– Фундаменталните права и вредности се во сржта на нашиот заеднички европски проект и мора да се почитуваат – порача Мерсие.
Загриженост изрази и еврокомесарката за проширување, Марта Кос, која оцени дека извештаите за насилство на протестите се сериозен сигнал за внимавање.
– Извештаите за насилство за време на неодамнешните протести во Србија се многу загрижувачки. Напредокот на патот кон ЕУ бара граѓаните слободно да ги изразуваат своите ставови и новинарите да можат да известуваат без заплашување или напад – напиша Кос на социјалната мрежа X.