ШЕСТ ПОЖАРИ СЀ УШТЕ БЕСНЕАТ Пламенот не запира, ЦУК алармира за сериозни ризици

Македонија гори од западните шуми до источните пасишта, пожарникарите водат битка со 6 активни жаришта и спречуваат нови катастрофи.

272

До 18 часот денес, Македонија се соочува со сериозен бран пожари на отворен простор – дури 27 локации биле зафатени од оган, од кои 6 сè уште беснеат, еден е ставен под контрола, а останатите 20 се изгаснати. Податоците на Центарот за управување со кризи откриваат мапа на опасност што се протега од запад до исток, зафаќајќи и шуми и ниска вегетација, па сè до депонии и стрништа.

Најтешката состојба е во Општина Македонски Брод, каде што огнот во повеќенаменското подрачје „Јасен“ зафаќа мешана шума, а паралелно во регионот меѓу селата Девич и Грешница се шири пожар по ниската вегетација. И во северозападниот дел, во Општина Јегуновце, помеѓу Рогачево и Јажинце, пламенот голта пасишта, додека во Брвеница помеѓу селата Челопек и Милетино гори нискостеблеста шума. Во Кичевскиот регион, две различни жаришта предизвикуваат главоболки за пожарникарите – во селото Аранѓел гори стрниште, а во Мало Церско огнот зафаќа ниска вегетација.






Во Струга, на местото викано „Октишка Краста“, пожарот е ставен под контрола, но ситуацијата и таму бара внимателно следење.

 

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Plusinfo.mk (@plusinfo.mk)

Истовремено, на повеќе локации ширум државата пожарникарите и локалното население успеале да го изгаснат огнот. Во Демир Хисар, шумата од даб во Мало Илино е спасена од целосно уништување, а во струшкото место „Бегова Шума“ крај селото Делогожда мешаната шума и ниската вегетација се веќе безбедни. Делчево се избори со оган на депонија и околната ниска вегетација во селото Очипала. Куманово денес имаше неколку критични точки – од улицата Ѓорче Петров, преку Романовце, до месната индустрија „Никси“ и населбата Карпош – сите со пожари на ниска вегетација или депонии.

Во Старо Нагоричане, во селото Челопек, огнот ги зафати и ниската вегетација и стрништата, додека во селата Радуша и Дворце во Сарај огнот се ширеше низ тревни површини. Слична беше сликата во Арачиново и Орланци, каде што гореше и депонија, во Сопиште во Св. Петка, како и во Шуто Оризари на улицата Брсјачка Буна.

Жителите на Желино во селото Групчин, на Селце во Тетово, како и во близина на ресторанот „Сирич“ се справуваа со огнена закана, додека во Чегране кај Гостивар, во Дабница кај Прилеп, во Дрмени кај Ресен и во Теранци кај Чешиново-Облешево, огнот зафаќаше ниска вегетација.

Состојбата и покрај големиот број изгаснати пожари и понатаму е сериозна, бидејќи високите температури и сувиот воздух се идеални услови за нови огнени закани.

Поврзани содржини