„СЕВЕРНА КОРЕЈА ЌЕ ДОДАДЕ ВО УСТАВОТ ДЕКА НЕ САКА ДОБРИ ОДНОСИ СО ЈУЖНА КОРЕЈА“ Сестрата на Ким Јонг Ун го обвини Сеул дека лаже

Сестрата на Ким Јонг Ун ги отфрли шпекулациите дека Пјонгјанг ќе испрати порака до САД преку средбата Путин–Трамп, нагласувајќи дека Северот нема интерес за разговори со Вашингтон.

719

Сестрата на севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун ги отфрли тврдењата на Јужна Кореја дека Северот отстранува дел од своите звучници долж меѓукорејската граница, потсмевајќи му се на Сеул поради, како што рече, држењето до надежите за обновена дипломатија меѓу двете поделени држави, објави Си-Ен-Ен.

Ким Јо Џонг ги повтори претходните изјави на Северна Кореја дека нема непосреден интерес за оживување на одамна прекинатите преговори со Вашингтон и со Сеул, наведувајќи ги претстојните заеднички воени вежби на сојузниците како доказ за нивниот континуиран непријателски став кон Пјонгјанг.






– Многупати јасно ставивме до знаење дека немаме желба да ги подобриме односите – рече таа, додавајќи дека тој став во иднина ќе биде запишан во Уставот на Јужна Кореја.

Во текот на викендот, јужнокорејската војска соопшти дека детектирала отстранување на дел од звучниците на Северна Кореја, само неколку дена откако Југот ги демонтираше своите звучници на првата линија, кои се користеа за антисевернокорејски пропагандни емисии, во обид да се намалат тензиите.

Обединетиот Генералштаб на Јужна Кореја не откри каде точно биле забележани отстранувањата на звучниците на Северот. Звучниците на Северна Кореја, што се гледаат од делови на границата достапни за цивили во Југот, сè уште биле присутни, како што забележале фото-репортери по соопштението на војската.

На седницата на владата во вторникот, новиот либерален претседател на Јужна Кореја, Ли Џае Мјунг, ги опиша наводните чекори на Северот како „реципрочна мерка“ и изрази надеж дека двете земји постепено ќе ги обноват комуникацијата и дијалогот.

Ким ја обвини владата на Ли за лажење на јавноста, велејќи дека Севернокорејците „никогаш не ги отстраниле звучниците поставени на граничната област и не се подготвени да ги отстранат“.

Владата и војската на Југот не одговорија веднаш на коментарите на Ким, објавени од државните медиуми.

Нема интерес за разговори со САД

Сестрата на севернокорејскиот лидер ги отфрли и шпекулациите на јужнокорејските медиуми дека Северот може да го искористи планираниот состанок оваа недела меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп за да испрати порака до Вашингтон преку Москва.

– Зошто би праќале порака до американската страна – рече таа, додавајќи дека Северот нема интерес за разговори со Американците.

Од руската инвазија на Украина во 2022 година, Северна Кореја ја стави Русија во фокусот на својата надворешна политика и испрати илјадници војници и големи количини воена опрема, вклучувајќи артилерија и ракети, за да помогне во руската војна.

Севернокорејските и руските државни медиуми во средата објавија дека Ким Јонг Ун и Путин одржале телефонски разговор за нивните продлабочени врски и воените напори против Украина.

Руската новинска агенција ТАСС соопшти дека Путин со Ким споделил информации за неговите претстојни разговори со Трамп во Алјаска в петок, но севернокорејските извештаи не го спомнаа состанокот со Трамп.

Ким Јо Џонг и во јули издаде изјави со кои ги отфрли желбите на Вашингтон и Сеул за рестартирање на дипломатијата насочена кон намалување на севернокорејската нуклеарна програма, која се урна во 2019 година по пропаднатиот самит со Трамп во неговиот прв мандат.

Завивање на животни и удирање во гоногови

Последниве месеци, жителите во граничните области на Јужна Кореја се жалеле дека звучниците на Северот емитувале иритантни звуци, вклучувајќи завивање на животни и со удирање во гонгови, како одговор на антисевернокорејските пропагандни емисии на Југот.

Јужнокорејската војска соопшти дека Северот ги прекинал емисиите во јуни, откако Ли нареди запирање на емисиите од југ, што беше првиот конкретен чекор на неговата влада за намалување на тензиите меѓу двете држави.

Војската на Југот минатата недела почна да ги отстранува своите звучници од граничните области, но не кажа дали ќе бидат повторно поставени ако повторно се зголемат тензиите.

Прашањето со звучниците

Северна Кореја, која е исклучително чувствителна на надворешната критика на своето авторитарно раководство и на владеењето во третата генерација на своето семејство, ги смета антипјонгјангските емисии од Југот за голема провокација.

Претходната конзервативна влада на Југот минатата година ги обнови дневните емисии преку звучници, по повеќегодишна пауза, како одмазда за лансирањето на балони со отпад од Северна Кореја кон Југот.

Звучниците емитуваа пропагандни пораки и К-поп песни – плејлиста осмислена да погоди чувствителна жица во Пјонгјанг, каде што Ким Јонг Ун се обидува да го елиминира влијанието на јужнокорејската поп култура и јазик врз населението, како дел од напорите за зајакнување на династиското владеење на неговото семејство.

Овие психолошки воени кампањи дополнително ги зголемија веќе високите тензии, поттикнати од напредокот на севернокорејската нуклеарна програма и од напорите на Југот да ги прошири заедничките воени вежби со САД.

Поврзани содржини