АМЕРИКАНЦИТЕ ЌЕ ИМААТ „ЗЛАТНА КУПОЛА“ Трамп го гради најамбициозниот одбранбен систем во историјата на САД

Новиот ракетен штит „Златна купола“ ќе има 4 интегрирани слоја – еден сателитски за откривање и за следење на ракети и 3 копнени со пресретнувачи, радари и можеби ласери. Како новитет се планира големо ракетно поле на Средниот Запад.

1,392

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп развива на нов ракетен одбранбен систем наречен „Златна купола“.

Во план е знаменитиот одбранбен ракетен систем „Златна купола“ (Golden Dome) да има 4 слоја – еден базиран на сателити и 3 копнени – со 11 батерии за краток дострел распоредени низ континенталниот дел на САД, Алјаска и Хаваи, според презентација на американската влада за проектот, објави НДТВ.






Слајдовите, означени со „Go Fast, Think Big!“ („Дејствувај бргу, мисли големо!“), беа презентирани пред 3.000 одбранбени изведувачи во Хантсвил, Алабама, минатата недела и откриваат невидена комплексност на системот, кој треба да се заврши до амбициозниот рок 2028 година, поставен од американскиот претседател Доналд Трамп.

Проектот се проценува на 175 милијарди долари, но сè уште постои неизвесност околу основната архитектура – не е утврден точниот број на лансери, пресретнувачи, копнени станици и ракетни позиции потребни за системот.

Имаат пари, но не знаат колку ќе чини

– Имаат многу пари, но сè уште немаат целна бројка за тоа колку ќе чини – рекол еден американски функционер.

Досега, Конгресот одобрил 25 милијарди долари за „Златна купола“ во законот за даноци и расходи на Трамп, усвоен во јули. Дополнителни 45,3 милијарди долари се предвидени во неговиот буџетски предлог за 2026 година.

Предвиден како повеќеслоен ракетен штит за САД, „Златна купола“ е инспириран од израелскиот „Железна купола“, но е значително поголем поради географијата што треба да ја покрива и поради сложеноста на заканите со кои ќе се соочи.

Каква ќе биде архитектурата на системот?

Според презентацијата, архитектурата на системот се состои од 4 интегрирани слоја:

  • сателитски слој за откривање и за следење на ракети, како и „ракетна одбрана“;
  • 3 копнени слоја составени од ракетни пресретнувачи, радарски системи и можеби ласери.

Изненадување е новото големо ракетно поле – според картата во презентацијата, лоцирано на Средниот Запад – за ракетите Next Generation Interceptors (NGI), произведени од „Локхид Мартин“, кои би биле дел од „горниот слој“ заедно со системите THAAD и Aegis, исто така од „Локхид Мартин“.

NGI е модернизирана ракета за мрежата Ground-Based Midcourse Defence (GMD) – моментално примарниот одбранбен штит на САД против интерконтинентални балистички ракети од т.н. „непријателски држави“.

САД моментално управуваат со лансирни позиции на GMD во јужна Калифорнија и Алјаска. Планот предвидува додавање на трета позиција на Средниот Запад за одбрана од дополнителни закани.

Меѓу техничките предизвици што ги идентификува презентацијата е и одложувањето на комуникацијата низ „синџирот на уништување“ (kill chain) на системите.

Компанијата на Илон Маск не е спомната

Забележително е дека презентацијата не ја споменува компанијата „Спејс икс“ на Илон Маск, која учествуваше во понуда за договори за „Златна купола“.

Пентагон соопшти дека собира информации од индустријата, академијата, националните лаборатории и од други владини агенции за поддршка на „Златна купола“, но дека би било неразумно да објави повеќе детали во оваа рана фаза.

Генералот на Вселенските сили Мајкл Гетлајн, кој минатиот месец беше потврден како раководител на проектот „Златна купола“, има 30 дена од неговото назначување на 17 јули за да формира тим, уште 60 дена за почетен дизајн на системот и 120 дена за целосен план за имплементација – вклучително и детали за сателитите и за копнените станици, според лица запознаени со меморандум потпишан од министерот за одбрана Пит Хегсет.

Поврзани содржини