ОГНОТ НЕ СЕ СМИРУВА Македонија гори на седум локации, опасноста сè уште не е мината

Седум пожари и натаму беснеат низ Македонија, а три се под контрола – пожарникарите и локалните жители водат трка со времето за да спречат нови штети.

909

До 21 часот вечерва, Македонија се соочува со 27 пожари на отворен простор, од кои седум сè уште се активни, три се ставени под контрола, а седумнаесет се целосно изгаснати, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК). Овие пожари зафатиле различни типови вегетација – од стрништа и нискостеблести шуми, до мешани и зимзелени дрва – и зафатиле повеќе региони низ целата држава.

Најкритична е состојбата во Македонски Брод, каде во повеќенаменското подрачје „Јасен“ гори мешана шума, а во селото Крапа пламените јазици зафаќаат ниска вегетација и нискостеблеста шума. Во Општина Сарај, пожарот се шири од селото Радуша кон Дворце, зафаќајќи ниска вегетација, додека во Брвеница, кај селото Милетино, гори сувата трева. Слична е ситуацијата и во Долнени, каде во селото Пешталево пламенот голта ниска вегетација и стрништа, а во Прилеп, кај Големо Коњари, и Куманово, во селото Табановце, пожарите јарат по полињата и ниската вегетација.






Дел од пожарите, како во Крива Паланка (село Нерав, место Биљино), Кичево (село Челопеци) и Сарај (село Свиларе), се ставени под контрола, благодарение на брзата реакција на пожарникарите и локалните жители. Сепак, борбата со огнот сè уште трае, а опасноста не е целосно елиминирана.

Истовремено, голем дел од пожарите се успешно изгаснати. Во Чешиново-Облешево, Куманово, Јегуновце, Радовиш, Ново Село, Долнени, Кривогаштани, Брвеница, Струга, Гостивар и Врапчиште, екипите успеале да ја стават ситуацијата под целосна контрола. Некои од нив зафатиле ниска вегетација и трски, други стрништа, ѓубришта или зимзелени дрва, но сите се целосно изгаснати без поголеми материјални штети.

ЦУК апелира до граѓаните да бидат внимателни и да не горат отпад или растителни остатоци на отворено, бидејќи високите температури и сувата вегетација го зголемуваат ризикот од нови пожари.

Поврзани содржини