Ѕвездане Георгиевски, што напиша ти кога Тричко ја нападна изведбата на „Цветови“ од Славко Јаневски за масакрот во Ваташа?

Ајде да видиме што е навистина опасно. На пример, дали е опасно тоа што, поттикнат од изведбата на песната на Славко Јаневски, Бранко Тричковски пред две години јавно побара младите генерации да не се информираат дека бугарските фашисти убиле деца во селото Ваташа? Дали и тој повик на цензура беше „критичко преиспитување на уметничките вредности“ на делото на уште еден „македонски приземјен“ автор?

2,215

Колегата Ѕвездан Георгиевски, кого го познавам со години, многу се вознемирил од мојот, како што вели, „исклучително опасен текст за македонскиот јавен простор“, во кој јас го критикувам начинот на којот неговиот поблизок колега Бранко Тричковски јавно ги понижува македонските поети и писатели Петре М. Андреевски, Гане Тодоровски, Анте Поповски и Горан Стефановски.

„Опасно е што ставовите на Тричковски за уметничките вредности на овие автори, Героски ги поистоветува со ‘говор на омраза’… и не кон авторите (затоа што тука буквално и нема говор на омраза)… буквално за ‘говор на омраза’ кон цела Македонија! Опасно е дека во таа смисла и буквално ја повикува цела Македонија да застане на браникот на одбрана од Тричковски и неговите ‘токсични’ ставови“, пишува Георгиевски во колумна за порталот Призма.






Тоа не е „книжевна критика“ ни во „обид“

Георгиевски се вознемирил и од фактот што јавно го прозвав актерот Петар Арсовски да објасни дали неговиот лајк на тој опскурен пост на Тричковски значи дека и тој не е тоа што навистина е (актер со врвни дострели), штом играл во филм по сценарио на „средношколскиот поет“ Петре М. Андреевски.

Мислам дека нема потреба со колегата Георгиевски да расправам за тоа каде, во апсолутно токсичниот пост на македономрзецот Бранко Тричковски, може да се најде „обид за критичко преиспитување на уметничките квалитети“ на Петре М. Андреевски, Анте Поповски, Гане Тодоровски и на Горан Стефановски. Слично прашање ѝ поставив и на писателката Калина Малеска, но во нашата кратка преписка таа не наведе никакви аргументи од „книжевната критика“ на Тричковски, за кои би можело да се каже дека се од естетска или евентуално етичка природа.

Нема такви аргументи. Не постои тука ни „книжевна критика“, ни „обид за критичко преиспитување на уметничките вредности“ на овие автори. Ништо такво кај македономрзецот, едноставно, нема.

За Тричко сите „македонски приземјени“ автори и луѓе треба да ги нема

Впрочем, Ѕвездан Георгиевски и самиот го цитира делот од постот на Тричковски, во кој македономрзецот наведените автори ги критикува дека биле „пристојно и поздравително државотворни“ (Петре, Гане и Анте) и „македонски приземјени“ (Горан). Тоа е тој, според Георгиевски, „обид за критичко преиспитување на уметничките квалитети“ на овие автори.

Не, ова не „пие вода“. Ова не се „ставови за уметнички вредности“, туку класични навреди, дисквалификации и говор на омраза, предизвикан од клучниот проект со кој веќе подолго време се мачи Тричковски – да докаже дека сите „македонски приземјени“ автори, во сите области на творештвото, па и сите луѓе со таква „маана“ (тие што се декларираат за Македонци), се безвредни.

Неговата (Тричкова) желба е сите тие луѓе да умрат, веќе починатите да бидат понижени и заборавени, а остатокот од нацијата да се преименува во „северномакедонци“. Но, тоа на Ѕвездана Георгиевски не му се чини „опасно“. Он си знае зошто…

Тричковски јавно побара да се заборават масакрот во Ваташа и „Цветови“ на Славко Јаневски

Туку, ај да не паламудиме напразно, да одиме со една мала студија на случај.

Ќе го потсетам колегата Георгиевски на една епизода, после која, верувам, како доблесен човек, не ќе може така тврдоглаво да опстои на тврдењето дека Тричковата омраза кон сè што е македонско може да се прикрие со флоскулата „критичко преиспитување“ на уметнички вредности, на политички идеи и слично.

Во 2023 година, една посебна емотивна изведба на песната „Ми заплакало селото Ваташа“ (Андријана Јаневска) и на стиховите од „Цветови“ на Славко Јаневски (Игор Џамбазов) опасно го возбудија македономрзецот Бранко Тричковски.

„Зошто се пумпаат со емоции денешните граѓани со една трагедија од пред 80 години?“, за’ржа тогаш колегата на Ѕвездан Георгиевски на Фејсбук и додаде: „Нацијата која не е во состојба да ја совлада таа трагедија и да престане да ја оживува и партиско-политички актуелизира, злоупотребува и манипулира за масовен транс, е пубертетска, односно незрела. Не е заборавот израз на незрелоста, туку идејата за користа на таа трагедија“.

Уште нешто тогаш надроби Тричковски: „Не можеме новите генерации да ги формираме со информацијата дека бугарскиот фашистички окупатор убил младинци. Тоа не е добра основа на воспитување на младите генерации. Просто така не може да функционира современа Европа“.

Се побуни ли Георгиевски за срамниот повик за цензурирање на информацијата за Ваташа?

Во овој обид на „критичко преиспитување“ на историската вистина за масакрот што го извршија бугарските фашисти во Ваташа во Втората светска војна, следствено и на песната „Цветови“ на Славко Јаневски (и тој да ти бил „македонски приземјен“), јас тогаш видов повик на класична цензура. А што друго може да се види во повикот да не сме ги формирале младите генерации со информацијата дека бугарскиот фашистички окупатор убил младинци!? И тогаш напишав една „опасна колумна“, во која го критикував македономрзецот.

Не знам дали по тој повод јавно се огласил и колегата Ѕвездан Георгиевски, ама претпоставувам дека сигурно го сторил тоа. Како голем почитувач на делото на Славко Јаневски, нормално. Тој беше еден од главните ликови во Фондацијата Славко Јаневски (ако не се лажам, сè уште е). Тој е еден и од основачите на таа Фондација, заедно со ќерката на Славко Јаневски и со неколку новинари од некогашниот „Утрински весник“, меѓу кои – каква иронија! – е и Бранко Тричковски.

Да не е и Славко Јаневски „средношколски поет“?

Многу ме интересира да прочитам нешто од колегата Ѕвездан Георгиевски во врска со возбудата што изведбата на Игор Џамбазов на култната песна „Цветови“ ја предизвика тогаш кај Бранко Тричковски, толку многу што таа стара журналистичка флинта мораше да фати да врти машко ветено и жолчно да нè убедува да заборавиме еден страшен злостор.

Што не му се допадна на Тричковски во песната на Славко Јаневски и во изведбата на Игор Џамбазов? Кои „уметнички вредности“ им недостасуваат? Што ли беше тука предмет на „книжевна критика“?

Па, друже Ѕвездан, ете повели, објави, преобјави, да видиме како ти тогаш си го испочитувал писателот чие име го носи Фондацијата, во која ти беше носечки лик. Или, ако си го промашил настанот, кажи си што мислиш за Тричковата критика денес. Ако не е опасно…

Та не е белким и Славко Јаневски само еден „македонски приземјен средношколски поет“?

Поврзани содржини