СПЕЦИЈАЛНИОТ ПРАТЕНИК ВИТКОФ СЕ СРЕТНА СО ПУТИН ВО МОСКВА Дали се стега обрачот околу Кремљ пред рокот што истекува в петок?

Разговорот меѓу претседателот Владимир Путин и специјалниот пратеник на претседателот Доналд Трамп, Стив Виткоф, поминал во топла и пријателска атмосфера, а претходно Виткоф бил снимен како се шета заедно со Кирил Дмитриев, пратеникот на Путин за инвестиции и за економска соработка.

1,312

Рускиот претседател Владимир Путин одржа разговори со специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, соопшти Кремљ, објави Си-Би-Ес њуз.

Овој разговор се одвива само неколку дена пред да истече рокот што Белата куќа ѝ го постави на Москва за постигнување мировен договор со Украина. Во спротивно, Русија може да се соочи со сериозни економски санкции, кои би можеле да ги погодат и земјите што купуваат нејзина нафта.






Сѐ уште нема детали од средбата

Кремљ не соопшти детали од средбата, но според извори, разговорот поминал во топла и во пријателска атмосфера. Претходно, Виткоф беше снимен како се шета низ паркот Зарјадје, веднаш до Кремљ, заедно со Кирил Дмитриев, пратеникот на Путин за инвестиции и за економска соработка, јави руската новинска агенција ТАСС.

Дмитриев одигра клучна улога во трите рунди директни преговори меѓу Русија и Украина што се одржаа во Истанбул последниве месеци, како и во дискусиите меѓу Русија и САД. Преговорите досега не дадоа резултат во насока на запирање на војната, која трае веќе 3 години од инвазијата на Русија врз Украина.

Рокот истекува в петок

Рокот што Трамп му го постави на Путин истекува в петок. Вашингтон се закани со „сериозни царини“ и со други економски мерки ако насилството не престане.

Трамп изрази сѐ поголемо незадоволство од Путин поради ескалацијата на руските напади врз цивилни цели во Украина, кои, според него, имаат за цел да ја срушат моралната сила на украинскиот народ и да ја намалат поддршката за војната. Нападите станаа поинтензивни и покрај повиците на Трамп во последните месеци до Путин да се повлече.

Крвав напад на рекреативен центар во Запорожје

Во текот на ноќта помеѓу вторник и среда, руските сили нападнаа рекреативен центар во регионот Запорожје, при што беа убиени 2 лица, а 12 беа повредени, меѓу нив и 2 деца, соопшти гувернерот Иван Федоров.

Во нападот биле користени најмалку 4 удари, вклучувајќи и моќни лизгачки бомби.

„Овој напад нема никаква воена смисла. Само бруталност за заплашување,“ напиша украинскиот претседател Володимир Зеленски на Телеграм.

Путин избегнува сериозни преговори

Западни аналитичари и украински официјални лица тврдат дека Путин тактизира и избегнува сериозни преговори додека руските сили се обидуваат да освојат нови територии. Пролетната офанзива што продолжува и во летото напредува побргу од онаа од минатата година, но сепак бавно и со големи жртви, без да освои поголеми градови.

Според аналитичарите, состојбата на фронтот е критична за украинските сили, но одбраната не се распаѓа.

„Ќе видиме утре“

Во вторникот, Трамп изјави „ќе видиме што ќе се случи“ во врска со можноста да воведе царини за земјите што купуваат руска нафта, што би можело драстично да ги погоди Кина и Индија.

– Имаме средба со Русија утре. Ќе видиме што ќе се случи. Ќе одлучиме тогаш – рече Трамп.

Претседателот додаде дека сè уште нема донесено одлука за конкретен процент на царина.

Трамп врши притисок и врз Индија, која заедно со Кина е најголем купувач на руска нафта. Кремљ возврати дека заканите со мерки против земјите што тргуваат со Русија се незаконски.

Зголемените дипломатски и економски притисоци врз Кремљ носат ризик од ескалација на меѓународни тензии, особено во контекст на сѐ полошите односи меѓу САД и Русија.

Кремљ се спрема за поширок судир со НАТО?

Вашингтонскиот Центар за европска политичка анализа предупреди дека има „јасни знаци дека Кремљ се подготвува за поширок судир со НАТО“, вклучувајќи воено засилување долж западната руска граница во последниве години.

Путин не дава никакви сигнали дека е подготвен на отстапки. Напротив, тој и другите високи функционери во Кремљ постојано ја нагласуваат воената моќ на Русија.

Минатата недела Путин објави дека новата руска хиперсонична ракета, за која тврди дека не може да биде пресретната од сегашните НАТО системи за противвоздушна одбрана, е веќе ставена во употреба.

Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев, во меѓувреме, предупреди дека војната во Украина може да доведе до вооружен судир меѓу Русија и САД. Како одговор, Трамп нареди преместување на две американски нуклеарни подморници.

„Разговорите со Виткоф се суштински“

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во понеделникот ја поздрави посетата на Виткоф.

– Разговорите со Виткоф ги сметаме за важни, суштински и многу корисни – изјави тој.

Првично, Трамп ѝ даде на Москва рок од 50 дена, но потоа го скрати ултиматумот откако Кремљ продолжи со бомбардирање на украинските градови.

Сепак, Трамп и самиот изрази сомнеж во ефикасноста на санкциите, велејќи во неделата дека Русија покажала дека „добро знае да ги избегне санкциите“.

– Тие се итри ликови – рече Трамп за Русите.

Кремљ тврди дека меѓународните санкции, воведени по инвазијата во февруари 2022 година, имаат ограничено влијание.

Украина, пак, смета дека санкциите сериозно ја ослабуваат руската воена машинерија и бара од западните сојузници да ги зајакнат мерките.

„ТРАМП СЕ ЗАКАНИЛ И ПРЕТХОДНО, ПА СЕ ПРЕМИСЛИЛ“ Путин не попушта пред ултиматумот на американскиот претседател

Поврзани содржини