УЈП СО РЕКОРДНА НАПЛАТА ВО ЈУЛИ Раст од 37,4 милиони евра во однос на лани

Зголемена економска активност и зголемена доверба во институцијата, ваков месец УЈП досега немала.

429

Управата за јавни приходи (УЈП) во јули оваа година оствари рекордно висока месечна наплата на даноци и социјални придонеси, со што во државната каса се слеале речиси 37,4 милиони евра повеќе во однос на истиот месец минатата година.

Од УЈП информираат дека вкупната наплата од даноци – Данок на додадена вредност (ДДВ), Данок на личен доход (ДЛД) и Данок на добивка (ДД) – во јули достигнала 14.344 милиони денари, што е околу 233 милиони евра, најмногу досега во еден месец. Тоа претставува раст од 922 милиони денари, односно приближно 15 милиони евра, што е зголемување од 6,9% во однос на истиот период минатата година.






Дополнително, според официјалните податоци, кај социјалните придонеси е забележан раст од 13,4%, со наплатени 11.823 милиони денари (192,2 милиони евра), што е за 1.400 милиони денари или 23 милиони евра повеќе од лани.

„Растот на приходите не е случаен. Тој е резултат на зголемена економска активност, како и на посветената работа, партнерство и доверба што Управата за јавни приходи постојано ја гради со даночните обврзници“, велат од УЈП.

Од Управата посочуваат дека, во согласност со законските надлежности, се преземени низа активности насочени кон навремено подмирување на обврските, а со тоа и избегнување на блокада на сметки и дополнителни трошоци за присилна наплата.

„Во изминатиот период, активно сме во контакт со обврзници и овластени сметководители кои имаат пријавен, но ненаплатен долг. Доставуваме персонализирани известувања и упатуваме на доброволно усогласување, што резултира со подобрена финансиска дисциплина и стабилност кај фирмите“, додаваат од УЈП.

Од Управата нагласуваат дека успешната наплата и растот на приходите се резултат на заедничката одговорност на институциите, даночните обврзници и професионалните сметководители.

„УЈП останува посветена на транспарентност, ефикасност и поддршка на доброволното усогласување. Заедно градиме стабилни јавни финансии и сигурна иднина за сите граѓани“, порачаа од институцијата.

Поврзани содржини