ЕМ МИНИСТРИ, ЕМ КАНДИДАТИ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЦИ Мицкоски не планира да назначува нови шефови во министерствата
На прашањето дали ќе има реконструкција на Владата и се размислува ли кој ќе дојде на местото на министерот за животна средина и прв вицепремиер Изет Меџити, откако тој ја најави кандидатирата за Чаир, и на местото на Фатмир Лимани, кој ќе биде кандидат на Вреди за Кичево, премиерот одговори дека тие не поднеле оставки, дека ги извршуваат обврските, но и оти секој министер има и свој заменик-министер.
При крајот на август ќе биде комплетиран списокот со кандидати на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалници и ќе бидат познати и имињата за општините за кои сѐ уште не е соопштено. По кандидатурите на Изет Меџити и Фатмир Лимани за градоначалници, Владата нема да назначува нови министри затоа што тие не дале оставки и ги извршуваат своите обврски во ресорите, а имаат и свои заменици.
Ова го кажа премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарски прашања по поставување камен-темелник за изградба на нова спортска сала.
Во однос на комплетирањето кандидати за градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, рече дека имаат дилеми меѓу неколкумина во неколку општини.
– Имаме уште неколку дилеми, во суштина сите се тие кандидати кои ќе имаат големи шанси, да не речам – се победници на локалните избори, но имаме дилеми помеѓу неколкумина во одредени општини. Сега е сезона на годишни одмори, сакаме да направиме детална анализа и скенирање – и во рамки на општината во која ќе се кандидираат, кај граѓаните, но и во рамки на партиската структура. Тие анкетирања и скенирања на состојбата ќе ги направиме по 15-20 август така што при крај на август очекувајте да ги комплетираме списоците – изјави Мицкоски.
На прашањето дали ќе има реконструкција на Владата и се размислува ли кој ќе дојде на местото на министерот за животна средина и прв вицепремиер Изет Меџити, откако тој ја најави кандидатирата за Чаир, и на местото на Фатмир Лимани, кој ќе биде кандидат на Вреди за Кичево, премиерот одговори дека тие не поднеле оставки, дека ги извршуваат обврските, но и оти секој министер има и свој заменик-министер.
– Тие не поднесоа оставка. Нормално е дека ќе ги извршуваат своите обврски во министерствата, во ресорите каде што се министри и истровремено ќе бидат кандидати. Тоа не е првпат да се случува, често пати се случувало во минатото. Така што, сето тоа што значи нормално функционирање на институциите, ќе продолжи во таа насока – додаде Мицкоски.
На новинарско прашање дали е етички и коректно двајцата министри од Вреди и шест директори од таа партија да водат кампања за локални избори додека се на фунцкија, Мицкоски рече дека нема ништо незаконски и тоа било и пракса во минатото.
Прашан кој е неговиот став на тоа што голем број од независните листи стануваат политички партии и дали може да се интервенира во Изборниот законик, премиерот одговори дека е поминат рокот за Законикот и оти како Влада ги почитуваат сите одлуки на Уставниот суд.
– Помина веќе рокот за менување на Изборниот законик, вообичаено треба шест месеци пред избори, тој е заглавен во процедура. Не очекувам периодов да се обезбеди мнозинство или кворум за такво нешто, а и не би било природно. Околу независните листи, ќе треба да се види законот и како може да се интервенира имајќи ја предвид одлуката на Уставниот суд. Одлуките на Уставниот суд не се коментираат, се почитуваат, така што и ние како Влада ќе ја почитуваме и ќе видиме како сето тоа да го надминеме – додаде Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.