„САКАМ ДА РАБОТАМ“ ДО „АНТИКОЦКАЊЕ“ Нема посилен аргумент од вашето предизборно појавување дека легалните игри на среќа се цел на политичко-етнички инженеринг
Здружението „Сакам да работам“ жестоко реагира на барањето за забрана на игрите на среќа од страна на движењето „Антикоцкање“ од Тетово, оценувајќи го како политичко сценарио кое го загрозува егзистенцијалниот опстанок на 10.000 вработени.
Се повторува веќе добро познатото сценарио, велат од Здружението на вработени во секторот за игри на среќа „Сакам да работам“, реагирајќи на последната прес-конференција на тетовското движење „Антикоцкање“. Според нив, станува збор за оркестриран предизборен атак врз цела една индустрија со над 10.000 вработени.
„Секогаш пред избори некој ги ’буди‘ истите луѓе да бараат затворање на легални објекти. Доста е од манипулации! Станува збор за етнополитичко сценарио кое директно ја загрозува егзистенцијата на илјадници семејства“, велат од „Сакам да работам“.
Политички инженеринг врз грбот на работниците
Од Здружението предупредуваат дека секое избрзано менување на законската регулатива во предизборен период е опасна и неодговорна пракса. Тие апелираат до институциите да не подлегнуваат на притисоци.
„Доколку државата носи нов Закон за игри на среќа во предизборие, тоа ќе биде класичен политички инженеринг со катастрофални последици врз секторот и економската стабилност“, порачуваат од здружението.
Во реакцијата остро се поставени и неколку прашања до движењето „Антикоцкање“.
„Зошто Албанија уште во октомври 2022 се откажа од забраната на игрите на среќа? Зошто премолчуваат дека за време на четири годишната забрана во Албанија како печурки никнале нелегални играчници? Колку жители од Косово играат игри на среќа во Тетово? Каде припаѓа Северна Македонија, во друштво на западните цивилизации и ЕУ или во нечие друго друштво? Кога младите се позаштитени, кога има легални објекти за игри на среќа или кога ќе никнат диви играчници по подруми? И конечно, дали една од причините за нивното барање за затворање на легалните објекти за игри на среќа е фактот што во овој економски сектор 90 проценти од вработените се Македонци?“, прашуваат од здружението.
Оттаму потсетуваат дека каде и да се забранети легалните објекти за игри на среќа, експлодирал црниот пазар.
„Ако ги затвориме легалните објекти, ќе се појават подруми и скришни играчници каде младите се уште понеконтролирано изложени на ризик“, стои во реакцијата.