62 ГОДИНИ ОД СКОПСКИОТ ЗЕМЈОТРЕС Денот кога градот застана во 5:17 и никогаш не беше ист

Скопје се сеќава на 1.070 загубени животи и херојската солидарност од светот што го врати градот на нозе.

562

Скопје денеска одбележува 62 години од една од најголемите трагедии во својата историја, катастрофалниот земјотрес што се случи на 26 јули 1963 година, кога во само 20 секунди животот го загубија 1.070 лица, над 3.000 беа повредени, а градот буквално беше срамнет со земја.

Во пет часот и 17 минути наутро, градот се разбуди во урнатини. Земјотресот со јачина од девет степени според Меркалиевата и шест според Рихтеровата скала, со епицентар токму на плоштадот „Македонија“, разори 15.800 станови и оштети уште 28.000. Над 200.000 жители останаа без покрив над главата.






Во знак на почит, денеска во 10 часот делегации од Собранието и од Градот Скопје положија цвеќе на Споменикот на загинатите на гробиштата Бутел. Традицијата продолжува – како симболично сведоштво дека градот никогаш нема да заборави.

Во Музејот на град Скопје, во 20 часот, ќе биде отворена и изложбата „Скопје за време на земјотресот и потоа“, која ќе биде трајна поставка, достапна за сите идни генерации.

По катастрофата, светот го сврте погледот кон малото Скопје. Меѓународниот Црвен крст, Интерпарламентарната унија, Обединетите нации, и хуманитарни организации од десетици земји се вклучија во обнова на градот.

На 27 септември 1963, Генералното собрание на ОН одлучи за приоритетна меѓународна акција за помош на Скопје, а на 14 октомври беше усвоена Резолуција за реконструкција на градот. Тој ден остана запишан како „Денот на Скопје“ во аналите на Обединетите нации.

Историјата покажува дека Скопје повеќепати било разурнувано. Во 518 година, римскиот град Скупи бил целосно срамнет со земја во земјотрес од 10–11 степени. Втор катастрофален потрес го погоди Скопје во 1555 година.

Третиот, и најдобро документиран, се случи токму на овој ден пред 62 години.

Старата железничка станица, денес претворена во Музеј на град Скопје, останува вечен симбол на трагедијата. Часовникот на нејзината фасада сè уште стои закован на 5:17 – моментот кога времето престана за целиот град.

По земјотресот, Скопје започна нов живот. По плановите на јапонскиот архитект Кензо Танге, започна обнова која од градот направи симбол на солидарноста, истрајноста и надежта.

Поврзани содржини