ДЕЦА КУПИЛЕ АЛКОХОЛ, ПА ЗАВРШИЈА НА ТОКСИКОЛОГИЈА Газдарица на дуќан и продавачка во Струга заработија кривична пријава
Две деца од Струга биле хоспитализирани поради труење со алкохол. Истрагата открила дека тие без проблем купиле алкохол од локална продавница. Сопственичката и вработената се соочуваат со кривична пријава.
Сопственичката на продавница за пијалоци од Струга, 49-годишната П.С., и нејзината 27-годишна вработена М.М. се соочуваат со кривична пријава поради основано сомнение дека сториле кривично дело – „точење алкохолни пијалоци на дете“, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Случајот излезе на виделина на 26 мај 2025 година, кога од Медицинскиот центар Струга било пријавено до полицијата дека кај нив се донесени две малолетни лица, кои покажувале симптоми на тешко алкохолно труење. Веднаш по приемот, децата биле префрлени на токсикологија, каде изјавиле од каде го набавиле алкохолот – локална продавница за пијалоци во градот.
Полициските службеници од СВР Охрид веднаш реагирале и спровеле истрага на терен. Било утврдено дека на децата не им бил побаран документ за идентификација, како и дека не била испочитувана забраната за продажба на алкохол на малолетници, што директно довело до нивната интоксикација.
– Преземени се сите потребни дејства и по целосно документирање на случајот, СВР Охрид поднесе кривична пријава против сопственичката и вработената, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „точење алкохолни пијалоци на дете“ – изјави портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.