ГОЛЕМА ЗАКАНА ЗА СВЕТОТ Супербактериите отпорни на антибиотици би можеле да убијат милиони
Според сеопфатна студија спроведена и финансирана од британската влада, до 2050 година, отпорноста на антибиотици би можела да убие милиони луѓе ширум светот
До 2050 година, отпорноста на антибиотици би можела да убие милиони луѓе ширум светот и да ја чини глобалната економија речиси два трилиони долари годишно! Ова го покажува сеопфатна студија спроведена и финансирана од британската влада.
Ширењето на супербактериите, микроорганизми отпорни на антибиотици, се заканува да има катастрофални здравствени и економски последици, според угледниот британски весник „Гардијан“.
Алармантни проекции
Доколку не се преземат итни мерки, растечката отпорност на антимикробни лекови (AMR) би можела да го намали глобалниот БДП за дури 1,7 трилиони долари годишно во текот на следниот четврт век.
Токму најразвиените економии, како што се Соединетите Американски Држави, Обединетото Кралство и Европската Унија, би можеле да претрпат најтешки удари.
Ова е сознание што фрла нова светлина врз неодамнешните одлуки за драстично намалување на меѓународните средства за помош, кои сега изгледаат целосно контрапродуктивни. Трагично е што токму владите на некои од најзагрозените земји неодамна објавија резови. Владата на Велика Британија го намали финансирањето на Фондот Флеминг, кој е клучен за борба против АМР во посиромашните земји. Во исто време, американската администрација потврди намалување на странската помош за 9 милијарди долари, а слични потези презедоа и Франција и Германија.
Ентони Мекдонел, главен автор на студијата од Центарот за глобален развој, нагласува дека ваквите потези би можеле да ги забрзаат најлошите сценарија: „Нашите предвидувања беа засновани на историските трендови на раст на отпорноста. Сепак, ненадејните и остри намалувања на помошта за развој би можеле да ги турнат стапките на отпорност кон најпесимистичкото сценарио.“
Тој предупредува дека дури и оние земји кои успешно ја контролираат отпорноста на антибиотици не треба да се опуштат.
– Доколку програмите за борба против АМР не се заштитат од резови, отпорноста ќе се прошири низ целиот свет со брзината што ја гледаме во најтешко погодените земји. Ова би значело милиони нови смртни случаи, вклучително и во земјите од Г7. „Инвестирањето во третман на бактериски инфекции денес спасува животи и носи милијарди долари во долгорочни економски придобивки“, забележал Мекдонел.
Супербактериите предизвикуваат почести хоспитализации, подолг и поинтензивен третман и бараат поскапи лекови од втора линија, што го прави третманот за резистентни инфекции приближно двојно поскап.
Студијата, исто така, проценува дека глобалните трошоци за здравствена заштита за лекување на AMR би можеле да се зголемат за речиси 176 милијарди долари годишно. Во Велика Британија, тој скок би бил од 900 милиони на 3,7 милијарди долари, а во САД од 15,5 милијарди на речиси 57 милијарди долари. Покрај тоа, работната сила во Велика Британија, ЕУ и САД би се намалила за 0,8, 0,6 и 0,4 проценти, соодветно.
Според најлошото сценарио, истражувањето предвидува дека до 2050 година годишните загуби на БДП во Кина би можеле да достигнат 722 милијарди долари, во САД 295,7 милијарди долари, во ЕУ 187 милијарди долари, во Јапонија 65,7 милијарди долари и во Обединетото Кралство 58,6 милијарди долари. Институтот за здравствени метрики и евалуација (IHME) проценува дека бројот на смртни случаи предизвикани од отпорност на антибиотици ќе се зголеми за 60 проценти до 2050 година. Само во САД се предвидуваат 1,34 милиони смртни случаи годишно, а во Велика Британија 184.000.
Вложувањето како повеќекратно исплатлива инвестиција
Но, ако земјите ја засилат борбата против супербактериите со обезбедување пристап до нови антибиотици и третман со подобар квалитет, економските придобивки би биле огромни. Американската економија би пораснала за дополнителни 156,2 милијарди долари годишно до 2050 година, а Велика Британија за 12 милијарди долари, пишува Гардијан.
„Заканата расте дури и без итна акција од сите вклучени страни. Лековите што ги имаме денес би можеле да станат бескорисни, претворајќи ја дури и најчестата инфекција во смртоносна болест“, предупредил Мохсен Нагави од Институтот за здравствени метрики и евалуација и порачал дека се нужни промена на политиката, развој на нови лекови и подигање на свеста дека антибиотиците не делуваат против вирусите.