Канта тропа пропаганда
Една неинвентивна, лигава и здодевна пропаганда, којашто неуспешно се продава под фирмата „критика“, се сведува на нешто што наликува на лупање во празна канта - со единствена намера некако да се надвреви инаку премногу тивката аргументирана јавна дебата.
Ги разбирам мотивите, а секогаш има и простор и потреба, да се критикуваат политиките на власта. Тоа е нормална и здрава работа во секоја демократска земја.
Сепак, за да имаат критиките смисла и тежина, пожелно е да се поткрепени со аргументи. Не се суштински важни тонот и неодмереноста на критиките. Важно е дека само спротивставувањето аргументи и контрааргументи води кон продуктивна дебата.
Ќулавкова vs. Милошоски – расправа со аргументи
На пример, кога Катица Ќулавкова ја напаѓа идејата на Антонио Милошоски Македонија и Бугарија да потпишат заедничка декларација за признавање на македонскиот јазик и на македонскиот идентитет. Тоа е критика. Бидејќи Ќулавкова аргументира. Не е исклучено Милошоски да возврати со контрааргументи. И така се развива дебата.
Наспроти ова, веќе подолго време опозициски политичари и медиумски перјаници (ми се допаѓа овој збор „перјаници“, ме асоцира на пердуви за китење на воспалени глави) форсираат критики или со замена на тези, или без аргументи, или едноставно со изливи на семантички празни фрази и флоскули.
Македонскиот идентитет да ти бил „конфликтен“
На пример, еден познат интелектуалец, во поткаст во кој се „продава“ некаков нападно инфантилен сарказам, реторички прашува: Зошто македонскиот идентитет мора да е конфликтен?
А по што е конфликтен, другарче? Дали тоа што е оспорен од бугарската политика го прави „конфликтен“? И што треба да сториме ние за идентитетот да не ни бил „конфликтен“? Дали ќе биде доволно да прифатиме, на пример, дека нашиот идентитет немал историски континуитет и дека бил „модерен“? Тоа ли е скриената порака?
Нема одговор на овие суштински прашања. Само да се кажело нешто. Со кисело-лигава насмевка на лицето…
Е тоа јас го нарекувам – канта тропа пропаганда.
Кога „принципот“ важи само за Македонците
Позната и почитувана професорка вели:
Македонското малцинство во соседните земји треба да се грижи самото за себе – Македонија не треба да го штити.
Супер. Се согласувам. И мене не ми се допаѓа патернализмот како дискурс во меѓународната политика на една земја.
Ама, бива ли истиот принцип да важи и за сите други малцинства и за сите други земји? На пример, да важи и за бугарското малцинство во Македонија и за Бугарија. Или, да речеме, нека има Бугари во македонскиот устав, ама и Македонци во бугарскиот.
Ама неее… Требало да се каже дека Македонија не смее да води грижа за македонското малцинство во соседните земји, а сите тие имаат право грижата за сопствените малцинства во нашата земја да ја воздигнат дури до ниво на меѓународно легализирана причина за блокада на пристапот на Македонија во ЕУ.
И сега… што беше тоа принцип?
Подобро нула од 20 километри автопат?!
Канта тропа пропагандата често е скарана дури и со елементарната логика.
На пример, со години се критикуваат македонските влади за бавното напредување, или за застојот на трасата на автопатот кон Охрид, како и за неуспехот да ги пуштат во употреба првите делници од новиот пат. И сега, кога оваа влада ги пушти во употреба првите 20 километри од автопатот и кога стотици машини и повеќе од 1.000 работници вредно работат среде летните горештини, читаме и вакви коментари:
Вмровците пуштиле само 20 километри од автопатот до Охрид – нели рекоа дека ќе пуштат 40?
Подобро нула отколку 20, нели?
Подобро 20 километри на час отколку 120?!
Во овој дух беа и реакциите на дел од опозициската јавност, кога Владата склучи договор за стратешко партнерство со Велика Британија. Со тој договор оди и рамка за заем од вкупно 6 милијарди евра, од кои една четвртина ќе се вложат за изградба на нова брза пруга од Табановце до Гевгелија.
Во неможност да докажат дека и Велика Британија, како и Македонија, впрочем, зацапала во „српскиот свет“ и паднала под „руско влијание“, а исчудувајќи се кои би биле причините една таква голема европска сила да вложи „неверојатни“ 6 милијарди евра во малата и неважна Македонија, се разви интересна, иако прилично глупава теза:
Македонија ќе прима бегалци, ќе гради бегалски кампови и затоа ќе добие британски пари!
Тезата би била глупава сама по себе, дури и кога би била точна – зашто бегалците, едноставно, не сакаат да бидат во Македонија. Нејсе, откако стасаа деманти на таа лажна вест, почнаа нови лажни наративи за пругата Север – Југ:
Етееее… Се напушта Коридорот 8, нема ништо од пругата до Бугарија, на Мицкоски му е поважна „српската“ пруга.
Подоцна се објави дека Македонија и Бугарија водат разговори за изградба на спорниот тунел на границата и дека пругата кон Бугарија сепак ќе се гради, ама ќе се гради и пругата од Табановце до Гевгелија. Канта тропа пропагандата се повлече на последната „борбена линија“:
Даааа… Ама пругата кон Гевгелија нема да биде толку брза колку што беше ветено – нема да биде 160 километри на час туку само 120 километри на час!
Е ова изгледа ќе да е точно… А тоа што сега брзината на пругата е 20 километри на час, тоа, нели, не е ни важно…
Со „науката“ запреле кај Гебелс
Оваа канта тропа пропаганда е толку патетична и неука, што сè уште се базира на принципот што му се припишува на Гебелс – дека сто пати изговорена лага станува вистина. Неинвентивните пропагандисти се држат до тој принцип дури и кога ги користат најмодерните алатки – хибридни манипулации и наративи, вешти фалсификати, злоупотреба на интернет медиуми и армии од инфлуенсери и ботови на социјалните мрежи и слично.
Таков е случајот и со најновата хибридна операција за ширење на лажната вест и со мошне веројатниот обид да се креира и фалсификувана „документација“, дека некогаш во минатото, Христијан Мицкоски, наводно, побарал бугарско државјанство.
Неколку бугарски портали, очигледно во соработка со бугарските тајни служби, почнаа да ја шират таа шпекулација, а наши локални опозициски мегафони веднаш побараа Мицкоски да кажел дали почнал процедура за добивање бугарско државјанство.
И сега доаѓа најинтересниот момент: откако ВМРО-ДПМНЕ енергично демантира и вели дека станува збор за операција за ширење лажни вести, креаторите на оваа манипулација, очигледно нервозни што не успеале да го „наместат“ премиерот пред камерите да му ја раскажуваат бајката и без да го прашуваат, на цел глас вреват:
Зошто Миле Лефков дава изјави, аааа? Мицкоски да не ја дефокусира јавноста и да каже дали аплицирал за бугарско државјанство!
Чек сеа… Колку пати изговорено „тоа не е точно“ е доволно за овие абдали? И кој овде дефокусира?
Како поинаку да им се помогне на семејствата на настраданите од Кочани освен со пари?
Манипулациите со болката на унесреќените семејства на жртвите на трагедијата во Кочани заслужуваат една посебна, темелна анализа.
Во оваа прилика, само ќе кажам дека не може да се тврди дека Мицкоски вршел притисок врз обвинителот Љупчо Коцевски за наводно „забошотување на истрагата“, за потоа да се каже дека тие двајцата биле блиски, да не речам биле „шајка“. Едноставно, не може двете работи да се точни.
И секако, не може прво да се обвинува владата дека не им помагала на семејствата на жртвите, а кога премиерот ќе отвори разговор со нив за каква и колкава помош станува збор – со очигледна и неспорна намера да се помогне – дежурните моралисти да вреват дека Мицкоски лицитирал „колку чини една жртва во трагедијата“.
Да бидеме на чисто: кога зборуваме за помош за семејствата на настраданите, ние не зборуваме за политичка и за морална одговорност, ниту за морална и за некаква „психилошка“ поддршка, најмалку за тапкање по рамото – зборуваме за финансиска поддршка. Нека звучи грубо, но овде станува збор за пари. Од владата се очекува да одобри финансиска поддршка, а премиерот и неговите соработници треба да ги утврдат потребите и можностите.
Толку им сече
Ете, драги мои, така изгледа таа неинвентивна, лигава и здодевна пропаганда, којашто неуспешно се продава под фирмата „критика“. Бидејќи таа тоа и не е.
Јас ја нарекувам канта пропаганда, зашто се сведува на нешто што наликува на лупање во празна канта – со единствена намера некако да се надвреви инаку премногу тивката аргументирана јавна дебата.
Бидејќи добро познавам некои од луѓето кои ја форсираат оваа бесцелна и непродуктивна бучава, би сакал да можам во оваа прилика пријателски да им порачам: аман другарчиња, можете вие и подобро од ова.
Незгодата е во тоа што ги познавам толку добро што знам дека – не можат подобро.
Не знаат.
Толку им сече…