НОВИ ПОЖАРИ СЕ ШИРАТ СО ГОЛЕМА БРЗИНА Гори на шест локации, под закана неколку села

Центарот за управување со кризи известува дека шест пожари се сè уште активни, два се ставени под контрола, а еден е изгаснат. Огнот уништува шуми и вегетација низ цела Македонија, од Прилеп до Василево.

2,023

До 14:00 часот попладне, Центарот за управување со кризи (ЦУК) регистрираше вкупно девет пожари на отворен простор, од кои шест сè уште се активни, два се ставени под контрола, а еден е изгаснат. Пожарите го зафатија целиот југ и југозапад на земјата, вклучувајќи делови од Струмичко, Битолско, Прилепско, Македонски Брод и Полошкиот регион.

Еден од најсериозните пожари се шири во селото Нивичино во Општина Василево, каде што гори нискостеблеста шума, смрека, грмушки и ниска вегетација. Овој пожар е тежок за контрола поради релјефот и брзото ширење на пламенот.






Во Македонски Брод, ситуацијата е критична со две активни жаришта. Едниот пожар беснее кај селото Грешница каде што гори мешана шума и сува трева, а вториот се проширува помеѓу селата Црешнево, Локвица и Крапа, зафаќајќи деградирана дабова шума и густа ниска вегетација. Пожарникарите и локалното население се борат со сите сили, но временските услови не се на нивна страна.

Во Прилепскиот регион, пожар избувна на потегот помеѓу селата Царевиќ, Смолани и Радобил, на локацијата позната како Радобилски Рид. Таму пламените јазици проголтаа мешана шума и нискостеблеста вегетација, а теренот дополнително ја отежнува интервенцијата на терен.

Пожарот кај селото Волкодери во Општина Ресен, кој се шири кон местото Сирхан, го зафати појасот со трска и сува трева, што овозможува побрзо горење и проширување на огнот. Слична е ситуацијата и во селото Церово во Општина Желино, каде што гори деградирана нискостеблеста шума.

Иако ситуацијата е алармантна, има и позитивни вести. Пожарот кај селото Николиќ во Општина Дојран, кој се закануваше на мешаната шума во регионот, е ставен под контрола. Истото важи и за пожарот кај селата Џидимирци, Крушје и Иванковци во Општина Велес, каде што мешаната нискостеблеста деградирана шума беше опфатена со огнот, но благодарение на брзата реакција, ситуацијата е стабилизирана.

Во селото Групчин, Општина Желино, пожарот кој гореше мешана шума е целосно изгаснат и екипите се повлечени по извршена контрола на теренот.

ЦУК апелира до граѓаните да бидат исклучително внимателни, особено во подрачја каде што има сува вегетација, и да не палат отпад или стрништа. Секој најмал немарен чин може да доведе до катастрофални последици.

Поврзани содржини