ЧЕТИРИ ПОЖАРИ СЀ УШТЕ БЕСНЕАТ Ветрот ги шири огновите, но 15 се целосно изгаснати

Над државата повторно се надвисна чад, гаснењето отежнато, пожарите се шират низ шумите и пасиштата.

557

Македонија повторно е зафатена од бран пожари, вкупно 22 се евидентирани на отворен простор низ државата, според последните податоци на Центарот за управување со кризи заклучно 8:00 часот. Од нив, четири се сѐ уште активни, три се ставени под контрола, а петнаесет се целосно изгаснати.

Моментално, најсериозна е состојбата во општината Василево, каде во близина на селото Нивичино, гори нискостеблеста шума со смрека, густи грмушки и сува ниска вегетација. Пожарот брзо се шири поради ветерот и сувото време.






Во Македонски Брод, две одделни жаришта го зафаќаат теренот. Едниот пожар е во с. Грешница, каде пламените јазици зафатиле мешана шума и трева, додека вториот беснее меѓу селата Црешнево, Локвица и Крапа, каде гори деградирана дабова шума, грмушки и тревна покривка. Огнот се движи во неколку правци и претставува сериозна закана за шумскиот екосистем.

Сериозна е и ситуацијата во Прилеп, меѓу селата Царевиќ и Смолани, каде гори мешана шума и нискостеблеста вегетација. Пожарникарите и локалното население се обидуваат да го задржат пожарот на непристапниот терен.

Од пожарите кои се ставени под контрола, најголем е оној кај Желино, кој се проширил кон планината Жеден. Таму гореле нискостеблеста шума, грмушки и трева, но интервенцијата на пожарникарите го стабилизирала фронтот. Слична е состојбата и во Велес, кај селата Џидимирци, Крушје и Иванковци, каде огнот зафатил деградирана шума. Во Струга, пожарот кој избувнал помеѓу селата Октиси и Белица, каде горела сува трева, исто така е под контрола.

15 пожари се целосно изгаснати, вклучително и оние во селата Студеничани, Долно Свиларе, Горно Коњари, Селце, Бунеш, Слатина, Слупчане, Псача, Железница, и на неколку урбани и индустриски локации како Виница, Куманово, Кратово, Гостивар и Ресен. Иако гасењето на некои од нив било отежнато поради тежок терен и ограничен пристап, интервенцијата била успешна.

Надлежните апелираат до граѓаните да не палат стрништа, отпад или оган на отворено, бидејќи временските услови се крајно ризични за нови пожари.

Поврзани содржини