МИЦКОСКИ НЕ БАРАЛ БУГАРСКИ ПАСОШ, ЖЕРНОВСКИ ШИРИ ЛАГИ Владејачката ВМРО-ДПМНЕ jа повикува јавноста на претпазливост кон платени бугарски слуги
Сликата е кристално јасна: од една страна е Венко Филипче, кој без никакви гаранции за македонскиот идентитет и јазик се залага Бугарите да бидат внесени во Уставот; од друга страна е Христијан Мицкоски, кој ги стопира максималистичките барања и го брани националниот идентитет и македонскиот јазик. Затоа бугарската пропагандна машинерија со сите сили ги активира своите инсталации и соработници во обид да нанесат штета на македонските позиции, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Информациите дека Христијан Мицкоски наводно барал бугарски пасош се производ на бугарската пропаганда против Македонија и на нејзините платени слуги во самата држава, реагира партијата на ВМРО-ДПМНЕ на тврдењата на Андреј Жерновски.
„Ваквите удари и лаги се резултат на едноставната вистина – единствената и најсилна пречка за негирачките барања на Бугарија кон Македонија се ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски. Сликата е кристално јасна: од една страна е Венко Филипче, кој без никакви гаранции за македонскиот идентитет и јазик се залага Бугарите да бидат внесени во Уставот; од друга страна е Христијан Мицкоски, кој ги стопира максималистичките барања и го брани националниот идентитет и македонскиот јазик. Затоа бугарската пропагандна машинерија со сите сили ги активира своите инсталации и соработници во обид да нанесат штета на македонските позиции“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Јавноста треба со голема претпазливост да ги прима сите информации што ги пласираат овие структури во медиумите, додава владејачката партија.
Андреј Жерновски од СДСМ по повод повикот на Мицкоски со Бугарија да поднесат заедничка резолуција во Европскиот парламент за македонскиот јазик и идентитет, напиша дека „овие трикови и обиди за дефокусирање не проаѓаат ни во општинскиот комитет во Говрлево“.
„Неопходно е да се вратиме на главната тема, а тоа е онаа за која веќе втор ден премиерот громогласно молчи! Знам многу добро како умее да демантира вакви вести 5 минути откако ќе се појават, па дури и по полноќ. Но, за оваа вест, го снема во дупка. Граѓаните, но и дипломатскиот свет, ги интересира одговорот на следново прашање: Дали Мицкоски поднел барање за бугарско државјанство? Нека ни одговори премиерот на сите дека оваа вест е лажна и готово. Ја затвораме темата и сите заедно ќе ги критикуваме бугарските медиуми и оние кои стојат позади нив дека злонамерно и подмолно пласираат дезинформации. Искрено се надевам дека сето ова е една голема лага“, напиша меѓу другото Жерновски.