ЛЕВИЦА БАРА ИМЕТО ВМРО ДА СЕ КОРИСТИ САМО СО ДОЗВОЛА Забраната е нарачка од кругови што се против македонскиот идентитет, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски вели дека радикални маргинални структури повторно се обидуваат да предизвикаат вештачки конфликти со симболите на државноста и на борбата.
Радикални маргинални структури повторно се обидуваат да предизвикаат вештачки конфликти со симболите на државноста и на борбата, а последниот срамен обид на Левица да поднесе закон за забрана на името ВМРО не е ништо друго освен директна нарачка од круговите што со децении работат против македонскиот идентитет, рече денеска координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски на прес-конференција во Собранието.
Тој реагираше на предлог-законот за заштита на името ВМРО што го поднесе пратеничката група на Левица, со кој се бара името ВМРО да се прогласи за нематеријално културно наследство од особено значење на македонската држава и на македонскиот народ, а партиите и другите правни лица да смеат да го користат во своите називи само со дозвола од Министерството за култура.
– Ова е истата таа агенда што со години се промовира од политички и академски структури и центри во Бугарија: Македонија да се откаже од своето револуционерно минато; ВМРО да се претстави како „контроверзен“ или „непосакуван“ дел од историјата; Македонскиот народ да се откорне од своите херојски настани. Сега, истата таа агенда добива домашни извршители во форма на пратениците на Левица – реагираше Мицевски.
Ова не е првпат да се случува, додаде тој.
– Во 2018 година имаше обид, со поддршка од тогашната власт на СДСМ, ДУИ и на СЈО како инструмент, да се укине ВМРО и да се измени законот. Тие обиди беа спречени благодарение на поддршката од пријателски држави и од сестрински партии, тогашната агенда беше разобличена. Но, денес, она што особено ја открива суштината на ова сценарио, е фактот што истата таа улога ја презема Димитар Апасиев, тогаш советник во СЈО, денес лидер на Левица. Само што денес, заслепен од сопствената ароганција, сам си ја потврдува улогата: дека е најобична алатка во туѓи раце. Алатка што кога нема да им користи, ќе ја заменат со нова – рече пратеникот Мицевски.
Но, додаде тој, ВМРО е повеќе од име, ВМРО е борба, истрајност, отпор и иднина.
– Затоа, како државотворна партија, ВМРО-ДПМНЕ ќе го заштити името, симболот и суштината на македонската борба за слобода. Ниту еден обид за бришење на историјата нема да помине. Повторно ќе се види кој стои на браникот на Македонија, а кој, како испостава на туѓи интереси работи против сопствениот народ. Историјата не може да се избрише со закон. А ВМРО ќе продолжи – посилно, почисто, поодлучно од кога било досега – рече Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“
Пратеникот и претседател на Левица, Димитар Апасиев, денеска на својата фејсбук страница објави дека пратеничката група на Левица во Собранието официјално поднела нов предлог-закон за заштита на името Внатрешна македонска револуционерна организација – ВМРО.
„Конечно, дојде денот за законска заштита на името ВМРО и забрана разно-разни злосторнички здруженија олицетворени во бизнис-партии да го злоупотребуваат ова име за лично богатење“, напиша Апасиев на Фејсбук.
„Целта на предлог законот е да се зачува и афирмира значењето на Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО) како симбол на македонската национална борба за ослободување и да се спречи злоупотребата на нејзиното име или кратенки кои асоцираат на истото – во политички или комерцијални цели, со кои се обезвреднува и компримитира историската важност за македонскиот народ и лажно се монополизира патриотската колективна свест само во еден политички субјект, кој манипулира со симболите, чувствата и емоциите на граѓаните“, пишува во предлог-законот што го поднесе Левица.