ОСТАВЕТЕ ВОДА ЗА БЕЗДОМНИТЕ КУЧИЊА, НЕ ГИ ЗАТВОРАЈТЕ МИЛЕНИЦИТЕ ВО ВОЗИЛА „Лајка“ апелира за поголема грижа кон животните за време на горештините

Никогаш не држете кучиња врзани на синџир без пристап до сенка. Тоа претставува малтретирање и е казниво, велат од јавното претпријатие „Лајка“.

215

Јавното претпријатие „Лајка“ апелира до граѓаните да покажат грижа и одговорност кон милениците, но и кон бездомните животни, кои особено страдаат за време на летните горештини.

Вашето внимание може да спаси живот, велат од „Лајка“.






„Препораки за сопственици на миленици: Секогаш на дофат обезбедете свежа и чиста вода за вашите миленици во текот на целиот ден. Никогаш не држете кучиња врзани на синџир без пристап до сенка. Тоа претставува малтретирање и е казниво. Не ги оставајте животните во автомобил ниту за само 5 минути, Температурата во возило може да порасне до фатални нивоа за само неколку минути, дури и кога надвор не изгледа премногу топло. Шетајте ги милениците рано наутро или доцна навечер, затоа што асфалтот во текот на денот може да биде екстремно врел и да им ги изгори шепите“, порачваат од „Лајка“.

Оттаму апелираат и за поголема грижа и за бездомните животни.

„Оставете чинија со чиста вода пред вашата зграда, двор или продавница, тоа за нив може да значи разлика помеѓу живот и смрт. Внимавајте на хигиената, садовите редовно чистете ги и ставете ги на место кое нема да го попречува движењето на пешаците. Покажете емпатија ако видите животно во неволја, известете ја Лајка или најблиската ветеринарна амбуланта“, апелираат од градското претпријатие

Поврзани содржини