ПОЖАРИТЕ НЕ ЗАПИРААТ Активни се четири, 15 изгаснати, огнот во Николиќ под контрола
ЦУК со драматичен биланс до 18 часот – пожари избувнаа низ целата држава, четири сè уште се активни, вклучувајќи и на тешко пристапни терени.
До 18:00 часот денеска, на територијата на државата беа евидентирани вкупно 20 пожари на отворен простор, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК). Од нив, 15 се успешно изгаснати, додека четири пожари сè уште се активни и ги мобилизираат сите расположливи ресурси на терен.
Пожарот во дојранското село Николиќ е ставен под целосна контрола, а активни остануваат пожарите кај велешките села Џидимирци и Крушје, потоа на тешко пристапниот терен меѓу селата Црешнево, Локвица, Крапа и Слатина во општина Македонски Брод, како и пожарите во општина Чучер-Сандево – над црквата „Св.Троица“ кај селото Чучер и во кумановското село Пчиња.
Според информациите од ЦУК, меѓу изгаснатите пожари се и неколку кои го зафатија скопскиот регион – пожарот во селото Горњани во општина Чучер-Сандево, кај Смилковско Езеро, како и кај селото Љуботен во општина Гази Баба. Исто така, под контрола се ставени пожарите кај селата Љубин и Крушопек, кои се ширеа кон селото Лака во општина Сарај.
Во општина Кисела Вода, беше изгаснат пожар кој избувна на булевар „Борис Трајковски“, каде што гореа градежни материјали, предизвикувајќи загриженост кај жителите.
Два пожара се изгаснати и на територијата на општина Долнени, во близина на селата Црнилиште и Слепче. Интервенции се реализирани и во населбата Баир во Битола, како и во Кичево, Струга, Штип, Пробиштип, Кратово и Теарце.
Надлежните апелираат до граѓаните за внимателност и одговорност при движење и престој во природа, со оглед на високите температури и зголемениот ризик од нови пожари.