АВСТРИЈЦИТЕ СÈ УШТЕ ЧЕКААТ 4,5 МИЛИОНИ ЕВРА Фирма поврзана со семејството на Зоран Заев обвинета за кочење на правдата

Стечајот на фирмата ДЕНА Продукт го кочи наплатувањето, додека Апелација одлучува за разрешување на управничката.

814

Австриската компанија АММА, која пред повеќе од една година беше во фокусот на остри критики од австрискиот амбасадор Георг Вуцас, сè уште не успева да си ги наплати 4,5 милиони евра од валандовската фирма ДЕНА Продукт, со која води судски спор и се паралелно спроведува стечајна постапка.

Фирмата ДЕНА Продукт, во сопственост на Атанас Костов, сопруг на Емилија Заева Костова, е под стечај во Основниот граѓански суд Скопје од февруари 2024, додека судскиот спор меѓу австрискиот инвеститор и валандовската фирма се води во Основниот суд Велес од април 2023.






На денешното извештајно собрание, судијата Артан Лимани информираше дека предметот се одложува, а документите се доставени до Апелациониот суд за одлучување по барањето за разрешување на стечајниот управник Владица Ивановска, поднесено од страна на фирмата АММА како доверител.

Фирмата АММА, како доверител во постапката преку адвокат Драган Лазаров на 11 јули годинава поднел жалбаа против решението на првостепениот суд од 1 јули годинава, со кое се одбива барањето за разрешување на стечајниот управник Ивановска, поради незаконито постапување и спротивно на Законот за стечај.

Сега останува Апелација да одлучи дали стечајниот управник ќе биде разрешен или не.

Според одбраната на австриската фирма АММА, стечајната управничка се уште го нема преземено имотот и таа како како управител не раководи со стечајната маса согласно Законот за стечај.

Арбитражниот суд во Виена на почетокот на 2023 година донел одлука валандовската компанија „Дена продукт“ да и плати 4,5 милиони евра на австриската компанија – инвеститор АММА, поради прекршување на договорот за извоз на корнишони.

Австрискиот амбасадор Георг Вуцас, во јуни 2023 во отворено писмо до медиумите насловено „Што ќе надвладее? Владеење на правото и заштита на австриски инвестиции во Северна Македонија или криминални договори за заробување на судството и правните службеници“ обвини дека фирмите ДЕНА и ГЛОБАЛ ги заробиле судството и службениците (извршителите и нотари) во случајот со австриската инвестиција во земјава на AMMA Import Export GmbH (AMMA), и побара од Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да ги отстрани „сите неспособни и пристрасни судии и обвинителите“. Вуцас побара и надлежните комори на извршители и нотарите да ги укинат лиценците на „правните службеници кои ги злоупотребиле нивните овластувања“, и овозможиле, како што наведе „да се избегне и спречи признавање и извршување на арбитражна одлука во износ од приближно 4,5 милиони евра дадени на 3 јануари 2023 година во фер и транспарентен процес од реномиран меѓународен арбитер“.

Во дописот од Австриската амбасада, се вели дека „патот на извршување на меѓународна арбитражна одлука во Северна Македонија излегува дека претставува предизвик и ги загрозува инвестициите преземени од австрискиот инвеститор“, посочувајќи дека „во случајот времето е значителен фактор, со оглед на тоа што ДЕНА уште од почетокот, со поддршка на сродни компании, извршители и нотари, презема разни активности за да ги избегне и спречи легитимните побарувања“, обвинувајќи, меѓу другото дека: „прво, најголемиот дел од својот имот го префрли на ГЛОБАЛ ТРЕЈД ДММ ДООЕЛ Валандово, (ГЛОБАЛ), поврзана компанија која е во сопственост на г-ѓа Емилија Заева Костова, сопруга на г-дин Атанас Костов, и роднина на поранешниот премиер Зоран Заев“, второ „помогнала во спроведување на две извршни решенија против сопствените стакленици и имот во Валандово, при што има јасни докази дека официјалниот јавен катастар е изманипулиран како поддршка на овие акции“, и трето „поттикнаа јавно наддавање на сопствена стаклена градина во Богданци на 10 јули 2023 година, иако е во тек граѓанска постапка и кривична истрага“.

„Со последното закажување на јавно наддавање на 10 јули 2023 година во корист на ДЕНА поврзаната компанија, АММА речиси сигурно нема да ја врати отштетата во износ од 4,5 милиони евра. Зошто австриски инвеститор мора да ангажира три адвокатски канцеларии и да поднесе над десетина правни предлози за признавање на арбитражна одлука во Северна Македонија? Како е можно дека на централен катастар, официјален јавен регистар, може да се манипулира? Како може да продолжуваат извршни постапки со граѓански тужби кои се во тек против него и кривични истраги во тек? Зошто надлежните институции во државата, најважно, се Советот на јавни обвинители, Државниот јавен обвинител, Вишото јавно обвинителство – Скопје, се целосно неактивни и воопшто не го истражуваат случајот? Дали ДЕНА и ГЛОБАЛ ги заробија судството и службениците (извршителите и нотари)?“, се вели во соопштението од Австриската амбасада во земјава.

Судскиот совет во декември 2023 го разгледа и усвои Извештајот од работната посета на Основниот суд Гевгелија, кој меѓу другото врши увид и во предметот поврзан со изречената времена мерка на имотот на правното лице „Дена продукт“, за кој реагираше и австрискиот амбасадор Вуцас.

Претседателката на работната група на Судскиот совет Тања Чачарова-Илиевска, посочи дека од посетата на Основниот суд во Гевгелија има неколку заклучни согледувања.

– Прво, во предметите по предлозите за привремени мерки од кривична материја, сметаме дека нема пропусти. Не најдовме пропусти и незаконитости во постапувањето на Основниот суд Гевгелија. На крај, овие предмети завршуваат со повлекување на барањето на предлогот за определување привремена мерка од страна на Основното јавно обвинителство Гевгелија – изјави Чачарова-Илиевска.

Во, однос на предметите од граѓанска материја по предлогот за издавање привремена мерка Работната група на Судскиот совет, забележува неколку состојби, како долго траење на постапката по предлогот за определување привремена мерка.

Поврзани содржини