ТОДОР АНЃУШЕВ НА КОНФЕРЕНЦИЈА НА ДЕЛЕГАЦИЈАТА НА ГЕРМАНСКО СТОПАНСТВО ,,Децентрализирано снабдување со електрична енергија преку фотоволтаици”
Треба што побрзо да се работи на поставување батериски системи и на тој начин да се реши дисбалансот што обновливите извори го прават во системот. Но, по инсталирањето многу битен ќе биде и мониторингот на батерискиот систем, изјави Тодор Анѓушев, директорот на ЕМС во групацијата ФЕРОИНВЕСТ.
Законските одредби се донесени и останува да се поставуваат батерии со добра проценка и пресметка за да се постигне најдобра исплатливост, порача Тодор Анѓушев, директор на ЕМС во групацијата ФЕРОИНВЕСТ, на конференцијата на Делегацијата на германското стопанство во Македонија, на која германски фирми ги претставуваа своите практики, производи и искуства во енергетиката.
– Потребно е да одиме кон што повеќе обновлива енергија, но истовремено дистрибутивниот и преносниот систем треба да се стабилизираат за да може да го поднесат тоа. Треба што побрзо да се работи на поставување батериски системи и на тој начин да се реши дисбалансот што обновливите извори го прават во системот. Но, по инсталирањето многу битен ќе биде и мониторингот на батерискиот систем. Нашата компанија располага со сопствен Мониторинг систем, и може да ја програмира, води и управува батеријата ден за ден за инвеститорот да добие оптимални резултати – изјави Тодор Анѓушев.

Германските компании на конференцијата ги презентираа своите технолошки решенија и искуства, вклучително и примената на BIPV (Building Integrated Photovoltaics) – технологија која овозможува вградување на фотоволтаици во фасади и кровни елементи без да се наруши естетиката на објектите.
„Овие практики покажуваат јасен тренд – иднината припаѓа на децентрализираното, чисто и ефикасно производство на енергија. Северна Македонија, со усвоените закони и со компании кои веќе нудат современи решенија, има потенцијал да го следи тој пат со забрзан чекор“, порачуваат од групацијата ФЕРОИНВЕСТ во соопштение до јавноста.