МИЦКОСКИ ИМА РЕЈТИНГ ПОГОЛЕМ ОД СИТЕ ДРУГИ ПОЛИТИЧАРИ ЗАЕДНО На анкетите ВМРО-ДПМНЕ води 4:1 пред СДСМ

Венко Филипче како претседател на СДСМ е на третото место со доверба од 4,7% по лидерот на ДУИ, Али Ахмети, покажува истражувањето. Од политичките партии ВМРО-ДПМНЕ води со рејтинг од 23,8%.

859

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ и нивниот лидер, премиерот Христијан Мицкоски, и натаму се во убедливо водство на анкетите, покажува ново истражување на МКД, спроведено како дел од редовните истражувања на редакцијата заедно со Маркет вижн.

Резулатите сугерираат дека повеќе од една третина од граѓаните сметаат дека работите во Македонија одат во правилна насока, што е за три проценти повеќе од резултатот на истото прашање од анкетата во април оваа година.






На прашањето „во која насока сметате дека се движат работите во Македонија“, 34,3 отсто од испитаниците одговориле дека насоката е правилна, а 40,5 отсто сметаат дека насоката е погрешна. Податоците покажуваат дека сѐ поголем број на испитаници сметаат дека земјата се движи во правилна насока.

Фото: Анкета МКД

Меѓу лидерите на политичките партии, Христијан Мицкоски има најголема доверба кај граѓаните.

Од албанскиот политички блок со највисок процент на доверба и натаму е лидерот на ДУИ, Али Ахмети (6%). Венко Филипче како претседател на СДСМ е на третото место со доверба од 4,7%.

Претседателите на партиите од коалицијата Вреди, Изет Меџити и Билал Касами имаат по близу 2 проценти, а Африм Гаши има 1%. Претседателите на ЗНАМ и на Левица, Максим Димитриевски и Димитар Апасиев се изедначени со по 3%.

Од политичките партии, слично како и кај лидерите, предноста на ВМРО-ДПМНЕ пред опозициските партии е убедлива. Дури 23,8% од испитаниците се изјасниле дека на следните избори ќе гласаат за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.

Фото: Анкета МКД

Кај партиите на Албанците во Македонија опозициската ДУИ е во мала предност пред вкупниот резултат на владината коалиција Вреди.

Повеќе од половина од испитаниците кои споделиле за која партија ќе гласаат на наредните избори, го избираат ВМРО-ДПМНЕ. Тука, ако се споредат резултатите на определените гласачи со минатите истражувања, пред локалните избори, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ЗНАМ имаат раст, а благ пад има кај Левица и ДУИ. Падот на Вреди е поврзан со напуштањето на коалицијата на Алијанса за Албанците на Арбен Таравари.

Истражувањето е спроведено од 20 јуни до 4 јули, телефонски на 1.200 испитаници со репрезентативен пример според пописот од 2021 година.

 

Поврзани содржини