„НЕКОЈ ПОДМЕТНУВА ПОЖАРИ, А СДСМ СЕ РАДУВА“ Опозицијата да покаже одговорност, повикува ВМРО-ДПМНЕ
Пожарите кои гореа низ државата, а за кои веќе се докажува дека не се чиста природна непогода, туку човечки подметнати од лица блиски до опозицијата, беа главна тема на политичкиот наратив на СДСМ, вели пратеникот Бране Петрушевски.
СДСМ со невидена леснотија се радува на секоја катастрофа во државата, надевајќи се дека ќе добие некој ситен политички поен ако Македонија минува низ предизвици, рече денеска пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
– Пожарите кои гореа низ државата, а за кои веќе се докажува дека не се чиста природна непогода, туку човечки подметнати од лица блиски до опозицијата, беа главна тема на политичкиот наратив на СДСМ. На повеќе места низ државата на местата на пожарите меѓу другото најдени се и дрва потопени во бензин, гума, ракавици. Истрагата на институциите дојде и до лица блиски до опозицијата, кои се веќе и во притвор – рече Петрушевски.
Секој може многу јасно да види дека државата не гори само од природни непогоди, туку и од човечки фактор, додаде тој.
– И додека некој подметнуваше пожари, а некој ликуваше преку политички соопштенија, институциите го дадоа својот максимум и навремено локализираа и изгаснаа десетици пожари низ државата. Повикуваме на одговорен пристап на СДСМ, тие беа власт до пред само една година, а на државата ѝ оставија расипани авиони без пилоти, стари возила и недоволна опрема. Една година потоа, државата има функционални авиони, пилоти, и приспособени воени и полициски возила за гаснење на пожари. Народот ја гледа разликата – вели Петрушевски.