Дали Македонците имаат просечно IQ од 81,9?
Неодамна стана актуелна мапата на „просечен национален IQ“, во која Македонија се наоѓа на дното – со наводен просек од 81,9 IQ поени. Според овие податоци, Македонците се прикажани како помалку интелигентни од своите соседи, под глобалниот просек и под сите развиени земји. Бргу се појави познатата фраза: „Ние сме многу глуп народ“, нешто што се велеше и пред да се дознае за оваа мапа. Сепак, оваа мапа е сериозно проблематична – не зашто очајно сакам да верувам дека ние Македонците сме паметни, туку бидејќи оние што го објавиле просечното IQ за Македонија никогаш не им правеле IQ тестови на Македонците.
Кога бевме мали, купувавме книги, напишани на српскохрватски, со тестови за мерење интелигенција, а дома ни зборуваа за некој гениј со 300 IQ што го чуваат тајните служби и го користат за читање умови и за придвижување предмети со телекинеза, обучен во таен оддел за парапсихологија во Русија. Големите умови со високо IQ беа и се цитирани како сезнајни божества чиишто совети треба да ги следиме без прашање, како цитатите на Ајнштајн за животот, за љубовта, за секоја глупост – цитати од кои 90% не ги ни кажал Ајнштајн. Ако се посомневаш во мудростите на оние коишто се надарени со високо IQ од природата, ќе те потсетат: „Да, бе, тој со 300 IQ не знае, ти знаеш“. Многумина се опседнати со тоа колкаво им е IQ-то, го мерат и фанатично вежбаат тестови за да добијат повисок резултат, а со тоа и една доза допамин. „Ти си човек со ниско IQ” е дури пострашна навреда од „глуперда”.
Иако првично биле дизајнирани за да ги разликуваат лицата со ментална попреченост од оние со типични когнитивни способности, IQ тестовите со текот на времето добија многу поширока употреба. Тие станаа мерило за социјален статус и за вредност. Иако луѓето со нормално IQ можат да совладаат многу вештини, да бидат успешни на училиште и да резонираат нормално, тоа не е доволно бидејќи луѓето сакаат да бидат најдобри, а не просечни.
Во стварноста, успехот е определен од многу фактори: каде си роден, колку си мотивитан и дисциплиниран, колку вежбаш, каков емоционален склоп имаш, каква среќа имаш… колку си убав, како и од многу други нешта. Но, самото сознание дека IQ-то ти е високо, макар и да не е клучен фактор, те прави посамоуверен во сопствените мислења, а тоа може да биде не толку паметно. Сепак, самодовербата на луѓето, на лично и на колективно ниво, е определена од таа бројка, со надеж – трицифрена.
Како Македонија доби толку ниско IQ?
Во тој контекст, неодамна стана актуелна мапата на „просечен национален IQ“, во која Македонија се наоѓа на дното – со наводен просек од 81,9 IQ поени. Според овие податоци, Македонците се прикажани како помалку интелигентни од своите соседи, под глобалниот просек и под сите развиени земји. Бргу се појави познатата фраза: „Ние сме многу глуп народ“, нешто што се велеше и пред да се дознае за оваа мапа. Сепак, оваа мапа е сериозно проблематична – не зашто очајно сакам да верувам дека ние Македонците сме паметни, туку бидејќи оние што го објавиле просечното IQ за Македонија никогаш не им правеле IQ тестови на Македонците.
Оваа мапа е изведена од World Population Review (WPR), која, пак, признава дека нејзините информации се базираат на истражувањата на британскиот психометричар Ричард Лин и на неговите соработници. Ова значи дека WPR не спроведува свои мерења, туку дека ги објавува резултатите преземени од овие извори.
Што е проблемот? Главниот проблем е што Ричард Лин и неговите соработници немаат спроведено реални IQ тестирања за 104 од 185 земји. Наместо тоа, користат екстраполации, односно пресметки, базирани на просечни вредности од соседни или од „слични“ земји. На пример:
– За Ел Салвадор, бројката е добиена како просек од Гватемала и од Колумбија;
– За Киргистан, како просек од Иран и од Турција, иако овие земји не се ниту најблиски, ниту директно поврзани, но авторите сметале дека културолошки се тука некаде.
– Дополнително, во некои случаи се користени податоци од нетипични популации – на пример, деца со развојни нарушувања во Шпанија се земени како основа за процена на IQ во Екваторијална Гвинеја.
WPR ги посочува овие проблематични основи, што се гледа и преку ознаките во базата на податоци каде што се користат: T (Tested) – за земји со некакви тестирања; E (Estimated) – за земји каде што IQ е изведено со пресметка. Македонија и Албанија, на пример, припаѓаат на втората категорија („E“), што значи дека прикажаниот просек не потекнува од реални тестирања, туку од математичка формула, базирана на соседни земји.
Кога фактите не се совпаѓаат, тогаш се „објаснуваат“
Претпоставките за просечното „национално IQ“, според Лин, се базираат на бруто-домашниот производ (БДП). Тој смета дека високиот БДП оди рака под рака со повисоката интелигенција, па луѓето во побогати држави, наводно, се попаметни од оние во посиромашните. Во неколку случаи, авторите се соочуваат со несогласување меѓу IQ и економските резултати, па нудат алтернативни објаснувања:
– Катар има проценет IQ од 78, но многу висок БДП. Авторите тоа го припишуваат на среќата на Катарците, нашле нафта и затоа се збогатиле.
– Боцвана, земја со најбрз економски раст за неколку децении, се прикажува со ниско IQ. Како? Така бидејќи и овие се посреќиле зашто нашле дијаманти.
– За Кина, каде што IQ е релативно високо, а БДП некогаш бил низок, тврдат дека виновен бил комунистичкиот економски систем.
Со други зборови, кога фактите не се вклопуваат во нивната теорија, тие не ја менуваат теоријата – туку фактите ги објаснуваат со ад хок изговори, што е типична логичка заблуда.
Методологијата на Лин и на соработниците е подложена на обемна критика. Според психолозите Сузан Барнет и Венди Вилијамс, нивните трудови се „изградени врз произволни претпоставки и врз селективна манипулација со податоци“. Професорот Ричард Нисбет истакнува дека честопати се игнорираат податоци кои не одговараат на хипотезата, а се пренебрегнуваат клучни фактори како образованието, исхраната, социјалната структура и Флин ефектот – феномен кој укажува на зголемување на глобалната интелигенција со текот на времето. Во 2022 година, професорката Ребека Сир од Универзитетот Брунел во Лондон ги анализирала податоците на Лин и дошла до заклучок дека примероците не се репрезентативни, методолошкиот пристап не е унифициран, некогаш можеби и намерно, а и дека не може да се извлече објективна споредба меѓу нации врз основа на достапните мерења.
Едноставно кажано, според Лин и неговата екипа, Македонците имаат 81,9 IQ бидејќи така претпоставуваат тие, врз база на економскиот статус на земјата и на интелигенцијата на соседите. Во контраст на овие контроверзни извори, резултатите од понови и од методолошки потранспарентни тестирања – како што се international-iq-test.com, bright.org, worldwide-iq-test.com – покажуваат дека просечното IQ во Македонија е меѓу 98 и 101, што е целосно во рамките на глобалниот просек. И овие тестирања не се базираат на целосно репрезентативен примерок, туку на луѓе што решавале тестови онлајн, но сепак се базираат на реални тестирања, ако ништо друго. Други јавно објавени тестирања нема, или барем јас не знам за такви.
IQ не е гаранција за разум, ниту алиби за глупост
Луѓето сакаат да се споредуваат, особено на национално или на регионално ниво. Ако сме прикажани како поглупави од другите, тоа лесно се користи како аргумент за политички или, пак, за културен песимизам. Ако сме добри за нешто, успехот веднаш се претвора во национална гордост, карактеристика која не важи само за ова поднебје. Секако, сите сакаме да се мериме со пријателите и со непријателите, со соседите, на државно и на лично ниво. „Барем сме попаметни од нив“ и „многу глуп народ сме“ се заклучоци што секогаш може да ги користиме, селективно, кога ќе се случи нешто што ни го оправдува стереотипот, па да ги одбираме фактите што се вклопуваат со нашите претпоставки колку сме глупави. Додека многу од одлуките на „простиот народ“ се прашање на образование, лични потреби, страв, интерес, табиет, икс, ипсилон, на зет – ако одлуките не ни се допаѓаат, тие луѓе по автоматизам имаат ниско IQ.
Когнитивните способности немаат врска со нашата претстава за интелигенцијата, а и психолошките инструменти се сложена работа која ја користат експерти во комбинација со други мерења за да проценат ментален фитнес на еден човек. Во општиот менталитет, речитите и писмени луѓе се интелигентни, иако може да имаат нормално IQ, а „простите луѓе што не прочитале книга“ се глупави. Сепак, има разни форми на интелигенција и вештини – автомеханичарот можеби не го читал Достоевски, иако тој може да биде „попаметен” од некој книжевник за поправање автомобили, како што фудбалерот може да има поголема спортска интелигенција од математичар што не знае да фати топка. Секоја социјална група има свои критериуми за социјален статус. На интелектуалците им е важно колку си начитан; на корпоративните деловни претприемачи им е важно колку си економски ситуиран, каков часовник имаш и каков автомобил возиш; на музичарите им е важен талентот за музика итн. И тоа е нормална работа – така луѓето си го градат идентитетот, си ја зајакнуваат самодовербата и си ги поставуваат целите во животот. Секако, генерализирам, има разни луѓе од разни професии кои не се вклопуваат во стереотипот, но ова е само пример за доловување поента.
Нејсе, поентата е дека веројатно „националното IQ“ е повисоко од 81,9, но тоа не е ни важно бидејќи паметни луѓе може да имаат глупави ставови и да носат глупави одлуки поради емотивни причини – како што просечни, па и потпросечни луѓе, може да носат паметни одлуки бидејќи научиле критичко размислување, си ги регулираат чувствата итн. Глупавиот перформанс нема врска само со IQ, а човекот може да напредне, ако сака, а и да стане помудар. Лесно може колективно да бидеме жртви на „сопственото IQ” за секоја грешка што ја правиме, ама нема аир од тој став.