ЛАВРОВ И РУБИО СЕДНАА НА МАСА ЗА ДА ГИ СРЕДАТ ОДНОСИТЕ МЕЃУ САД И РУСИЈА Кои се клучните теми што ги отворија двајцата политичари?
Кремљ објави дека Русија и САД ќе продолжат со конструктивен и взаемно почитуван дијалог по бројни прашања од заеднички интерес, нагласувајќи ја потребата од понатамошна работа за нормализирање на функционирањето на билатералните дипломатски мисии.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Марко Рубио денеска разговараа во Куала Лумпур за Украина и за нормализацијата на функционирањето на дипломатските мисии, соопшти руското Министерство за надворешни работи.
„Одржана е суштинска и искрена размена на мислења за решавање на прашањето за Украина, ситуацијата околу Иран и Сирија, како и за низа други меѓународни проблеми“, соопшти руското Министерство за надворешни работи.
За време на состанокот на маргините на Регионалниот форум на Асоцијацијата на земјите од Југоисточна Азија (АСЕАН), Лавров и Рубио исто така ја истакнаа важноста од продолжување на работата за нормализирање на функционирањето на билатералните дипломатски мисии.
„Нагласена е важноста од понатамошна работа за нормализирање на функционирањето на билатералните дипломатски мисии. Конструктивниот и меѓусебно почитуван дијалог меѓу надворешно политичките ресори на Русија и САД за сè поголем број прашања од заеднички интерес ќе продолжи, се наведува на веб-страницата на министерството.
Се додава дека дипломатите исто така ја потврдиле заедничката посветеност за изнаоѓање мирни решенија за конфликтите и за обновување на соработката, вклучително и во економската сфера.
Истовремено, Рубио изјави дека имал „важен и искрен“ разговор со Лавров, на кого му го пренел незадоволството на претседателот на САД, Доналд Трамп, што Русија не покажала повеќе „флексибилност“ по прашањето за Украина.
– Потребно ни е да видиме план за понатамошно постапување за тоа како овој конфликт може да заврши – рече Рубио.