БУГАРИЈА НАПРАВИ ТЕЖОК ПРЕСЕДАН, НИЕ НЕМА НЕЗРЕЛО ДА РЕАГИРАМЕ Како ќе спијат оние кои гласаа за бришење на идентитетот, прашува Мицкоски

Ќе продолжиме со внатрешните реформи, ќе докажеме дека сме атрактивни, најдобар ученик во одделението и овие „архитекти“ од Бугарија нема да можат да ги постигнат целите, изјави премиерот по настан посветен на 80-годишнината од формирањето на Републичкиот Црвен крст.

17,820

Македонија мора да продолжи уште посилно со внатрешни реформи на европскиот пат наместо да биде евроскептична по гласањето на извештајот од кој беа избришани термините македонски јазик и идентитет, вели премиерот Христијан Мицкоски на прашањето како ќе влијаат последните случувања во Брисел и како ќе постапи Владата.

Премиерот вели дека Бугарија е единствена земја која сака да создаде нова архитектура во проширување и дека лекот е Македонија да продолжи со реформите за да стане атрактивна земја, да остане фокусирана за да не можат, како што вели, овие архитекти да ги постигнат целите.






– Ова е преседан, една земја во ЕУ сака да создаде една архитектура која влијае на нашиот процес. Ние како Влада имаме обврска уште попосветено да работиме на внатрешните реформи, да останеме фокусирани и уште погласно да ги артикулираме нашите аргументи додека како држава станеме дел од европското семејство. Грешките од минатото нема да ги правиме. Некои очекуваа дека по гласањето на извештајот ние револтирано ги напуштиме преговорите. Ние нема да се однесуваме незрело. Ќе докажеме дека сме атрактивни, најдобар ученик во одделението и овие архитекти нема да можат да ги постигнат целите – изјави премиерот по настан посветен на 80-годишнината од формирањето на Републичкиот Црвен крст.

Мицкоски објасни дека прифаќањето на предлогот од 2022 година не претставува само едноставна интервенција во Преамбулата во Уставот и внесување на бугарското малцинство, туку, како што вели, проблемот е посуштински, негирање на идентитетот и јазикот на еден од најмалобројните народи во Европа од Бугарија.

– Тоа е за мене чин на преседан, сè само не европска вредност. Не знам како ќе спијат европратениците кои гласаа да бидат избришани јазикот и идентитетот.

На прашањето да го коментира повикот на коалицискиот партнер ЗНАМ дека е време за обединување на Македонија во позициите за идентиетот по гласањето на извештајот во ЕП, тој вели:

– Ние веќе испративме повици на обединување. Но, ја слушнавте реакцијата на опозициската СДСМ. Тие излегоа да ликуваат по гласањето во Европскиот парламент. Мислеа дека ќе добијат политички поени, сметајќи дека народот заборавил што направија тие. Но, мора да постои обединување. Ако јас одам со тим дипломати и се бориме за македонските интереси и за интересите на граѓаните и со аргументи, со една изјава на претставници на опозицијата во Брисел дека ќе прифатат сè го рушат тоа. Со такви изјави не би се изненадил на следните локални избори да бидат под 100.000 гласови. Тие се убедени дека однадвор ќе има инженеринг кој може повторно да ги донесе на власт.

 

Поврзани содржини