ПАУЗАТА ВО ИСПОРАКАТА НА ОРУЖЈЕ ЗА УКРАИНА ИЗГЛЕДА НЕ Е ОБИЧНА ГРЕШКА Дали дел од тимот на Трамп игра за Русија зад негов грб?
Иако паузата на испораката на оружје за Украина можеби ја одобрил само заменикот-министер за одбрана за политика или можеби самиот министер за одбрана, случајот покажува дека американската политика кон Русија и кон Украина се обликува од личности со спротивставени ставови – таканаречените „рестрејнери“ околу Трамп, кои честопати избегнуваат директна конфронтација со Москва. Овој пример, како и дипломатските обиди за договор со Путин, укажува на длабоки разлики во пристапот кон Кремљ внатре во самата администрација.
Кога станува збор за најголемата приказна од минатата недела во врска со војната на Русија против Украина, фактите се јасни: администрацијата на Трамп реши да направи пауза во испораката на воена опрема за Украина што Конгресот ја одобри уште напролет 2024 година. Потоа, во понеделникот навечер, администрацијата соопшти дека пратките ќе продолжат. Но, значењето на овие настани е далеку помалку јасно. Подетален преглед на тоа што точно се случи, а и што не се случи, дава важен увид во тоа како може да се развие политиката на администрацијата на Трамп кон руската агресија врз Украина во наредните месеци, анализира Атлантик кансл.
Во листата на стопирано оружје наводно влегуваат ракети-пресретнувачи за системот за воздушна одбрана „Патриот“, прецизни артилериски проектили и ракети што украинското воено воздухопловство ги испукува од американски F-16 авиони. На 1 јули, Политико објави дека одлуката ја донел заменик-министерот за одбрана за политика, Елбриџ Колби, по преглед на сè помалите залихи во Пентагон.
Ова делуваше како значителен пресврт во политиката на администрацијата – радикално различна насока во споредба со ситуацијата само една недела претходно. На самитот на НАТО во Хаг на 24–25 јуни, САД заедно со сојузниците се согласија да ги зголемат трошоците за одбрана и за сродни области на 5% од БДП во следните 10 години, како одговор на руската закана. Исто така, беше дозволено помошта за Украина да се пресметува како дел од тие трошоци. Дополнително, на прес-конференција во Хаг, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека има намера да ѝ помогне на Украина да набави повеќе системи за воздушна одбрана, вклучително и „Патриот“ батерии и ракети-пресретнувачи.
До крајот на неделата, меѓутоа, се појави понијансирана слика: дека иницијативата дошла од Пентагон, без координација со Стејт департментот и дури ни со Белата куќа; дека, според анализа на Заедничкиот штаб на Пентагон, испораката на тоа оружје не би ја загрозила подготвеноста на американската армија; и дека, според самите зборови на Трамп, преносот на оружје никогаш и не бил прекинат.
Кој навистина ја паузираше помошта за Украина?
Иако медиумите првпат објавија за паузата на 1 јули, таа всушност започнала најдоцна на 30 јуни. Кога на 1 јули новинарите првпат побараа коментар, Белата куќа не даде никаков одговор. Подоцна истиот ден, по консултација со Пентагон, заменичката портпаролка на Белата куќа Ана Кели изјави:
– Оваа одлука беше донесена со цел да се стават интересите на Америка на прво место, по преглед на Министерството за одбрана на нашата воена поддршка и помош за други земји во светот.
Значајно е што Трамп тогаш не даде никаква изјава. Но, портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, Дмитриј Песков, го поздрави потегот како чекор кон завршување на војната – завршување што, според Кремљ, ќе дојде само ако западните земји ја прекинат воената помош за Украина.
Трамп молчеше 2 дена. По неговиот едночасовен телефонски разговор со Путин на 3 јули наутро, Трамп изјави:
– Воопшто не напредував со него.
Подоцна истата вечер, Трамп конечно се изјасни за оружјето за Украина. Кога новинар го праша зошто испораките биле паузирани, Трамп одговори:
–Не се паузирани. Доставуваме оружје.
Следниот ден, 4 јули, Трамп имал телефонски разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Ноќта пред тој повик, само неколку часа по разговорот на Трамп со Путин, Русија започна најголем воздушен напад врз Украина од почетокот на војната. Администрацијата не можела да не ја забележи таа „случајност“. Трамп ја опиша комуникацијата со Зеленски како „многу добар повик“ . Тој додаде дека САД ќе „продолжат да им помагаат“. На прашањето дали ќе се продаваат повеќе ракети „Патриот“, Трамп рече:
– Да, можно е. Ја разгледуваме таа моќност.
Зеленски, исто така, беше позитивен. На социјалнта мрежа Икс напиша дека со Трамп се согласија да работат заедно на зајакнување на заштитата на украинското небо.
Според Аксиос, извори потврдиле дека „Трамп бил свесен за неодамнешната руска ескалација“ и дека сака „да помогне со воздушната одбрана“ и дека ќе „провери што било стопирано, ако воопшто било“.
Пресметка со „рестрејнерите“
Јасно е дека паузата ја иницирал Пентагон – истото тело што и во март годинава еднаш веќе ги стопирало испораките. Единствената личност од Белата куќа, што ја бранеше паузата, беше заменичката портпаролка. Трамп изјави дека испораките продолжуваат и дека не знае за паузата. Во исто време, републиканските пратеници Дон Бејкон, Брајан Фицпатрик и Мајкл Мекол, заедно со демократските пратеници Марси Каптур и Адам Смит, побараа истрага за тоа како се случило сето ова.
Не е случајно што молкот на Трамп заврши токму по неговиот разговор со Путин на 3 јули. Тврдокорниот став на рускиот диктатор – сличен на неговите провокативни изјави пред самитот во Хаг – ја зацврсти решеноста на Трамп да се спротивстави на руската агресија. Затоа Трамп се дистанцираше од паузата и зборуваше со Зеленски за дополнителна помош. Вистинските реалисти одамна забележале дека токму бескомпромисниот став на Путин може да го натера Трамп да заземе поостра линија кон Кремљ.
До понеделник, повлекувањето на паузата беше официјално. Одговарајќи на новинарски прашања за време на вечерата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, Трамп рече:
– Тие мора да можат да се одбранат. Сега се под жестоки удари. Ќе треба да им испратиме повеќе оружје.
Неколку часа подоцна, Пентагон објави соопштение дека пратките ќе продолжат „по налог на претседателот Трамп“.
Дури и ако паузата ја одобрил само заменикот-министер за одбрана за политика, или можеби самиот министер за одбрана, тоа е потсетник дека политиката на администрацијата за Русија и за Украина се креира под влијание на луѓе со крајно различни ставови. Така наречените „рестрејнери“ околу Трамп – како што се медиумските фигури Такер Карлсон и Стив Бенон, па можеби и директорката на национално разузнавање, Тулси Габард, и министерот за одбрана Пит Хегсет – беа критикувани затоа што не ја поддржаа успешната акција на Трамп против Иран.
Инстинктот да не се провоцира Русија е посилен во администрацијата отколку поривот да се биде остар со Иран. Овој случај е уште еден пример за тоа. Уште еден пример е обидот на специјалниот пратеник Стив Виткоф да го убеди Путин да ги прифати предлозите на Трамп за прекин на огнот – предлози што Зеленски веќе ги прифатил – а кои би можеле да доведат до укинување на санкциите за рускиот енергетски сектор.
Во наредниот период ќе се гледа како администрацијата ќе постапи со идните продажби на оружје за Украина. Во повикот со Зеленски, Трамп повторно призна дека Путин врши жестоки бомбардирања. Сега е време САД да ѝ продадат на Украина повеќе системи за воздушна одбрана и друго оружје што ќе му покаже на Путин дека нема да успее во намерата да земе повеќе украинска територија, се наведува во анализата на Атлантик кансл.
Друго отворен прашање е дали Белата куќа конечно ќе даде зелено (или барем жолто) светло за да се придвижи нацрт-законот на сенаторот Линдзи Греем за санкции против Русија и нејзините соработници.
Со други зборови: обидот на „рестрејнерите“ да ја стопираат воената помош за Украина не успеа. Но, тие сè уште се активни во играта.