„СЕГА НЕМА ГАСНИ КОМОРИ И ВОЗОВИ КОН ТРЕБЛИНКА, АМА ЦЕЛТА Е ИСТА“ Сакаат да го избришат македонскиот народ, нема да дозволиме, вели Димитриевски

Ако не се спротивставиме, ако не поставиме јасна, достоинствена, државна позиција, тогаш ќе станеме народ што не учи од својата жртва, повика претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, по вчерашното бришење на терминот македонски јазик и идентитет во Европскиот Парламент од Извештајот за напредокот на Македонија.

1,181

Македонија поминува низ повторена историја и ако не се спротивставиме, ако не поставиме јасна, достоинствена, државна позиција, тогаш ќе станеме народ што не учи од својата жртва, повика претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, по вчерашното бришење на терминот македонски јазик и идентитет во Европскиот Парламент од Извештајот за напредокот на Македонија.

– Верувам дека вчерашниот ден, токму таков каков што беше, тежок, неправеден, повторно со извештај што личи на притисок, ќе биде уште еден ден што ќе нè обедини. Не околу политика, туку околу Македонија. Ние ја сакаме Македонија во Европската Унија.
Движењето Знам за Наша Македонија токму за тоа се залага. Но, не сакаме Македонија без Македонци. Не сакаме членство што ќе го платиме со негирање на сопственото постоење – рече Димитриевски на прес-конференција во партиското седиште.






Тој рече дека вчерашниот ден, на прв поглед, изгледа како секој друг, но по својата суштина, тој е дел од истата историска нишка што ја ткае македонската борба со векови. Не е различен, додаде, од денот кога Илинденците, иако свесни за мали шанси, го кренаа востанието, не како воен план, туку како акт на достоинство, ниту од тишината што остана по Солунските атентати, кога пораката беше јасна: слободата се заслужува, не се чека, ниту пак, од 11 октомври 1941 година, кога првите партизани од Прилеп и Куманово тргнаа во борба против фашизмот, не затоа што беа најсилни, туку затоа што имаа сопствена идеологија, цел и беа најхрабри.

– Тие не чекаа наредби, не чекаа гаранции. Знаеле само едно, дека ако сакаме слобода, мораме сами да ја извојуваме. И затоа, секоја борба за правда денес е продолжение на нивната жртва. Секоја победа е одговор на нивниот повик: Македонија да биде слободна, праведна и своја. Вчерашниот ден потсетуваше на продолжение на тој завет – рече Димитриевски.

Тој потсети на сите историски неправди кои го следат македонскиот народ, не како случајност, туку како облик на системски негирања, од промената на знамето, наметнатата референца ФИРОМ, ветата и блокадите на патот кон ЕУ и НАТО, болниот компромис за името, промените што се случуваа без волја на народот, кога секогаш ни се ветуваше иднина, а ни се одземаше достоинството.

– Колку пати слушнавме за „позитивен извештај“? Колку пати нè нарекоа „пример за регионалниот напредок“? И колку пати тоа не значеше ништо, освен ново понижување, нов услов, ново бришење на она што сме?! Вчера бевме сведоци на уште една страница од истата книга, книгата на македонскиот отпор, на истрајноста, на постојаното исправување по секое удирање – рече Димитриевски.

Тој потенцира дека Европа треба да биде простор на вредности, не на уцени.

– Ако ЕУ дозволи еден нејзин член, како што е Бугарија, да ги претвори преговорите во средство за историски реваншизам, тогаш таа дозволува унија во која слабите се жртви, а силните го прекројуваат идентитетот на соседот. Грчката пратеничка во Европскиот Парламент, Афродита Латинопули, од удобноста на европските клупи, изјави дека била „вистинска горда Македонка, а не лажна како резидентите во Скопје“. Добредојдена е во нашата Македонија – кога и да посака. Но да знае: вистинските Македонки не даваат изјави за аплауз, туку се борат овде, секој ден. Како словенечката пратеничка Ирена Јовева, која со исправена глава, на македонски јазик, им се обрати на бугарските колеги и им порача:
„На македонскиот народ не му треба дозвола да постои – вам ви треба храброст да го признаете тоа.“ Тоа е разликата: едната негира нација, другата е гласот на достоинството и вредноста на Европската Унија – рече тој

Димитриевски посочи дека Бугарија води политика на културна агресија, со дипломатија на бела ракавица и со историско фалсификување.

– Историјата нè учи, но само ако сакаме да ја слушнеме! Во мракот на Втората светска војна, македонските Евреи беа немилосрдно собрани, депортирани и пратени во логорот Треблинка. Тоа не беше само обична воена операција, тоа беше систематски и организиран геноцид, извршен под директива на фашистичка Бугарија. Над 7.000 души – мажи, жени, деца, беа избришани од македонската почва, без да се вратат назад, без сведоци, без глас. И денес, 80-тина години подоцна, истата идеологија, само со поинакви методи, се обидува да го избрише македонскиот народ. Нема гасни комори, но има политички условувања. Нема возови кон Треблинка, но има преговори што водат кон поништување на идентитетот.
Нема униформирани фашисти, но има модерни дипломати со исти цели: да го претворат македонскиот народ во историска забелешка, без јазик, без култура, без корен. Тоа што не го завршија со еврејската заедница во Македонија во 1943, сега се обидуваат да го сторат со целиот македонски народ – рече Димитриевски.

Тој додаде дека тогаш нè убиваа телесно, денес сакаат да нè убијат духовно и национално. Тогаш се криеја зад окупаторски униформи, денес се кријат зад членки на Европската унија.

– Но, македонскиот народ постои. Преживеавме империја, асимилација, колонизација и геноцид. Ќе ја преживееме и оваа нова закана. И нема да молчиме – рече тој.

Сега, рече Димитриевски, тие не нè напаѓаат со оружје, туку со параграфи, услови и напишани „пријателства“ во анекси и протоколи.

– Не сакаат само да се согласиме со нив, туку инсистираат да се откажеме од себе. Кога гостував во бугарските медиум, не отидов да им се допаднам, туку да им ја кажам вистината: дека Гоце Делчев не е нивен, туку наш национален херој. Дека Илинден не е нивен празник, туку нашиот симбол на слобода и достоинство. Дека Македонците постоеле, постојат и ќе постојат, со или без нивна согласност. Дека Бугарите мора да прифатат дека сме Македонци, инаку нема да се разбереме. И повторно ќе одам и стојам на располагање на секој бугарски медиум и секоја бугарска телевизија, повторно да гостувам, да говорам и да ги соочам со вистината. Ќе ги носам и истакнам фактите за Илинден 1903 – кога се боревме за македонска автономија, не за бугарска. Ќе говорам повторно за Илинден – не како бугарски празник, туку како македонско востание за слобода. За АСНОМ 1944 – кога се возобнови државноста на македонскиот народ, не како носталгија, туку како почеток на нашата државност. Ќе говорам за Втората светска војна – не како за „спорна епизода“, туку како период во кој Бугарија била фашистички окупатор, а македонскиот народ – дел од  антифашистичката победа. Ова не се митови. Ова се факти, запишани во архивите, документирани, признати од целиот свет! Ова е вистината што сакаат да ја потиснат – рече Димитровски.

Тој потренцира дека во Движењето ЗНАМ не градат политика врз страв или калкулација.

– Ова е долгогодишна и системска политика на негирање и ревидирање на нашата историја, идентитет, јазик и култура. Тоа е притисок кој трае децении, низ разни форми, од официјални документи и историски интерпретации, до политички притисоци и пропаганда. Нема да дозволиме тоа да продолжи, затоа што нашето право да постоиме како Македонци е неотуѓиво – рече тој.

Димитриевски рече дека трагедијата е во тоа што овде, во Скопје, токму на ваквата политика ѝ се отвори ширум вратата и започна токму од нашите дворови.

– И тоа преку изјавите на поранешниот претседател, Стево Пендаровски, човекот кој не само што јавно се декларираше како творец на Францускиот предлог, туку и без срам изјави дека Гоце Делчев бил Бугарин, потоа преку Зоран Заев, кој со потпишувањето на Преспанскиот договор го замени македонскиот идентитет со „коса црта“, преку поранешниот премиер Димитар Ковачевски, кој потпиша договор без консултација со народот, до министри кои ги променија учебниците, не заради вистината и историјата, туку заради наредба. Тоа раководството на СДСМ го внесе бугарскиот наратив во институциите.
Претходната Влада го внесе сомнежот во македонското дете. Тие го наметнаа прашањето – „Кои сме ние?“, но и ги остави младите без одговор! Зоран Заев едновремено изјави дека историјата ќе ја „оставиме на историчарите“. Но, вистината е поинаква, тој ја предаде историјата, идентитетот и достоинството на народот, ја распродаде. Тогашната владејачка гарнитура предводена од ДУИ и нивниот привезок СДСМ не беше вистинска власт, туку слуга на странски и партиски интереси. Тие не ја претставуваа волјата на граѓаните, туку ја предаваа државата и иднината на лични и партиски агенди. Наместо да се борат за народот, тие работеа за својата власт и профит, игнорирајќи ја потребата за правда, развој и суверенитет. Тоа не беше влада на народот, тоа беше влада на предавство – рече Димитриевски.

Додека народот се бореше за достоинство, тие водеа бизниси, земаа златни визи и броеја профити во сенка – ги интересираа само тендерите, компаниите, дипломатските пасоши и иднината на нивните семејства надвор од државата, додаде тој.

– Во оваа прилика, заедно со сите мои колеги, не воден од политички мотив, повикувам на национално обединување кое што ќе не спои. Потпишување на една заедничка платформа и декларација на сите политички субјекти во Македонија, каде што ќе покажеме општо единство, при тоа не земајќи ги во предвид досегашните направени грешки од сите птретходници и политички елити. Тоа на Македонците и на македонскиот народ му е потребно  – рече претседателот Максим Димитриевски.

Прашан каде го гледа решението со проблемот со Бугарија, тој одговори:

– Времињата кога Македонија и македонското прашање се решавани на релација Софија, Атина, Белград се минато. Имаме партнери во меѓународната заедница, ќе зборуваме и ќе бараме разбирање.Тоа е всушност улогата на дипломатијата. На Македонија ѝ е потребно национално обединување како никогаш досега. Доколку имаме елементи кои од внатре нè гушат, тогаш стануваме послаби. Македонија е една од главните стратешки точки на овие простори и те како имаме и со што имаме да се договараме и со регионалните, а и со големите светски сили – рече тој.

На прашањето дали го подржува ставот за уставните промени и дали се за Европската Унија, Димитриевски рече дека она што се случи во Европскиот Парламент, национализам, па дури и етношовинизам од поединци претставници кои доаѓаат од соседна Бугарија, но за жал и од соседна Грција, потврдуваат дека ние веќе не разговараме за промени на Уставот.

– Тоа што го тврдевме пред повеќе од две ипол години дека ова не е единственото барање упатено до Македонија, се потврдува денес. Одредени политички елити тоа не го признаваа. Верувам дека сега сите ќе се свестат и ќе работиме малку поорганизирано. Очекувам и нови барања, и доколку Европа сака да функционира така, тогаш нека си ги чува, а ние ќе го бараме нашиот пат и своето решение. Со сопствени сили до таму каде што можеме. Можам да гарантирам, како партиципиент во власта, дека ЗНАМ ќе остане на својот европски курс, но ќе се свртиме кон себеси и ќе бараме дополнителен начин како да го продобриме животот на граѓаните – рече претседателот на ЗНАМ, Максим Димитровски.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера по бришењето на македонскиот јазик од извештајот во Европскиот Парламент, рече дека Бугарија одамна има јасна визија да ги уништи македонската нацаија и идентитет и побара веќе никој да не му споменува дека проблемот се само неколку стотини Бугари во Уставот.

„НИКОЈ ВЕЌЕ ДА НЕ СПОМНАЛ ДЕКА ПРОБЛЕМОТ Е БУГАРИ ВО УСТАВОТ“ Мицкоски вели дека Бугарија има јасен план да го уништи македонскиот идентитет

Поврзани содржини