„ИЗВАДЕТЕ СИ ПУКАНКИ“ Раскол меѓу европратениците околу гласањето за недоверба кон Фон дер Лајен
Иако резолуцијата за недоверба кон претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, предизвика длабоки поделби меѓу италијанската и полската делегација во редовите на Европските конзервативци и реформисти - извори велат дека групата нема да се распадне бидејќи таа е „како стар брачен пар, партнери што знаат дека е подобро да останат заедно отколку сами“.
Групата на Европските конзервативци и реформисти (ЕЦР) е најтешко погодена од иницијативата за недоверба кон Комисијата на претседателката Урсула фон дер Лајен и претрпе длабоки поделби по тоа прашање, повеќе од која било друга политичка група во Европскиот парламент, објави Јуроњуз.
Конзервативците се поделени меѓу оние што гласаат „за“ и „против“ резолуцијата за недоверба, додека другите парламентарни групи следат пообединети линии на однесување.
Во рамки на ЕЦР, Романците од ултранационалистичката партија АУР и Полјаците од партијата Право и правда (ПиС) се меѓу потписниците на иницијативата, што е во согласност со нивниот долгогодишен критички став кон Фон дер Лајен и кон нејзиниот тим.
Најголемата партија во групата, Браќата на Италија, најави дека ќе гласа против иницијативата. Италијанскиот европратеник Никола Прокачини, кој е и копретседател на групата, го истакна тоа во своето обраќање во пленарната дебата за недовербата.
Прокачини не само што ја нарече иницијативата за недоверба „грешка“ и „политички подарок за нашите противници“, туку директно нападна и некои од сопартијците од ПиС и од АУР.
– Извадете си пуканки – рече Прокачини пред да започне со остриот напад кон сопствените колеги.
Тој потоа додаде:
– Зошто некои од денешните потписници никогаш не поднесоа иницијатива за недоверба против претходната Комисија на Фон дер Лајен, која ги воведе Зелениот договор и скандалот „Фајзергејт“? Очигледно, одговорот го знам.
Неговата изјава алудира на ПиС, кои никогаш не побарале смена на својот член Јануш Војчеховски, комесар за земјоделство во претходниот состав на Комисијата.
Италијанскиот лидер во групата упати прикриени удари кон сопартијците
Во истото обраќање, Прокачини ги критикуваше и Романците од АУР, чиј кандидат за претседател, Џорџе Симион, неодамна загуби на изборите од Никушор Дан.
– Некои, за жал, сакаат да губат и дома и тука. Јас не сум таков – изјави тој, јасно ставајќи до знаење дека сака да продолжи со „градење парламентарни мнозинства“.
Овој настап длабоко ги вознемири некои делегации во ЕЦР, изјавија повеќе извори од групата за Јуроњуз.
Џорџа Мелони му диктирала на Прокачини што да рече?
Некои европратеници сметаат дека зборовите на Прокачини можеби му биле директно диктирани од италијанската премиерка Џорџа Мелони, која е и лидерка на Браќата на Италија.
Во првите месеци од новиот мандат на Европскиот парламент, групата ЕЦР бараше поблиска соработка со Европската народна партија (ЕПП), со што доби поддршка за назначување на потпретседателот Рафаеле Фито и освои неколку важни гласови во пленумот.
Оваа стратегија ја бранеше Прокачини во својот говор, но не сите европратеници од ЕЦР ја поддржуваат.
– Кој му даде мандат да преговара со ЕПП? – прашува еден извор, сметајќи дека ново парламентарно мнозинство е возможно само со радикални промени и со нов претседател на Комисијата.
Друг извор потврди дека говорот на Прокачини ја налутил полската делегација бидејќи тој бил единствениот што смеел да зборува во име на групата, но не требало да ги напаѓа сопствените сојузници.
Во пленарната сесија, копретседателот на ЕЦР тврдеше дека зборува „во име на две третини“ од конзервативците, навестувајќи дека мнозинството делегации на ЕЦР ќе гласаат против резолуцијата за недоверба.
Сепак, текстот на резолуцијата го потпишаа европратеници од Романија, Полска, Естонија, Грција и од Литванија. Делегациите од Франција, Данска и од Хрватска веројатно ќе гласаат „за“.
50 од 79 европратеници на ЕЦР би можеле да гласаат за недоверба
Според еден извор, до 50 од вкупно 79 европратеници на ЕЦР би можеле да гласаат за недоверба, што би претставувало сериозен удар за лидерството на Прокачини.
Трет извор оценува дека самата резолуција за недоверба веќе создава „голем проблем“ за групата, бидејќи ги открива внатрешните поделби и ги спротивставува италијанската и полската делегација.
Сепак, сите извори за Јурољуз се согласни дека ова нема да доведе до распад на групата.
– Тоа е како стар брачен пар – партнери што добро се познаваат и знаат дека е подобро да останат заедно отколку сами – рече еден од соговорниците.
Предлогот за изгласување недоверба го поднесе романскиот европратеник, десничарот Џорџео Пипере, поради, како што наведе, недостаток на транспарентност од страна на претседателката на Европската комисија во скандалот „Фајзергејт“, каде што Фон дер Лајен не ја објавила размената на текстуални пораки со извршниот директор на компанијата „Фајзер“, Алберт Бурла, за време на пандемијата на ковид-19, кога ЕУ преговараше за набавка на вакцини од американската лабораторија.