ЗАПАДЕН БАЛКАН ПОВТОРНО ВО ФОКУСОТ НА ЕУ Фредериксен бара итни чекори за интеграција

Данската премиерка пред европратениците: „Не смееме повеќе да се криеме, време е да се браниме и да инвестираме во безбедна, зелена и конкурентна Европа“.

1,535

Во своето обраќање пред Европскиот парламент, данската премиерка Мете Фредериксен упати сериозни предупредувања за состојбата во која се наоѓа Европа, потенцирајќи дека Европската Унија мора да го засили темпото, и дома и надвор, ако сака да обезбеди стабилна, сигурна и конкурентна иднина за сите граѓани.

– Иднината не е нешто што ќе ни се случи, иднината ја создаваме ние, овде и сега – истакна Фредериксен, презентирајќи ги приоритетите на Данското претседателство со Советот на ЕУ.






Фредериксен порача дека следните чекори во процесот на проширување со Украина, Молдавија и земјите од Западен Балкан мора да се преземат без одлагање:

– Мораме да ги донесеме овие земји поблиску до Европа. Тоа не е само во нивен интерес, туку е инвестиција во силна, стабилна и заедничка иднина – рече таа.

Според премиерката, ЕУ се соочува со најголемите предизвици од Втората светска војна досега, војна во Украина, закани од тероризам, миграциски кризи, климатски катастрофи и геополитички притисоци од Исток.

– Нашите вредности, економии и начин на живот се под напад. Треба да се обединиме и да одговориме силно, мудро и заеднички – додава таа.

Фредериксен ја нагласи потребата од итно јакнење на европската одбранбена индустрија.

– Русија веќе не е сама, користи ракети од Иран, војници од Северна Кореја, технологија од Кина. Мораме да дејствуваме сега – вели данската премиерка.

Во исто време, истакна дека поддршката за Украина не е милост, туку директна одбрана на Европа.

Фредериксен повика на амбициозна климатска агенда, посочувајќи дека Европа мора да стане енергетски независна и да создаде стабилна рамка за бизнисите.

– Климатските промени носат миграција и сиромаштија. Мораме да обезбедиме чиста, евтина енергија и поодржлива иднина – вели таа.

Во однос на економијата, нагласи дека ЕУ мора да ја поедностави регулативата и да ги намали трошоците за компаниите.

– Европа е прекрасен и разновиден континент. Но мораме да бидеме подготвени да ја браниме демократијата, слободата и правото. Ајде заедно да изградиме посилна Европа – порача Фредериксен.

Поврзани содржини