Нема поголема радост од злорадоста

Некои наши политички пирофили се фасцинирани од пожарите, понекогаш до степен на длабоко емоционално задоволство и дури и сексуално возбудување. Политикантскиот профит тука му доаѓа како бонус.

1,769

Во состојби на несреќи и катастрофи, какви што се пожарите, поплавите и слично, природниот порив на човекот е да се бори со стихијата, да помогне да се намалат штетите, да сочувствува со унесреќените, да стори сè што е во негова моќ да биде подобро.

За жал, кај нас многу пати се покажало дека има луѓе кои својата опсесивна фасцинација или возбуденост од катастрофи ја комбинираат со својата патолошка омраза кон сопствениот народ, но и кон луѓето воопшто.






Таа катастрофилија, маскирана во некакво лажно морализирање, кое сепак не може да ја скрие злорадоста што блика, е и нивниот метод на политичка борба, понекогаш дури и дел на предизборните кампањи.

Како и во животот, така и во политичкиот дискурс, смислата на таа патолошка мизантропија е некако да се изменаџираат сопствените слабости. Личноста која е во ваков “филм” не може да произведе никаква корисна идеја, акција или било што добро за себе или за општеството, но – верно е – може да заземе поза со која макар привремено и привидно ќе ја намали болката поради сопствената ништожност.

Така е и со оваа патолошка привлечност на пожарите, којашто деновиве се шири на социјалните мрежи побрзо од огнот. Некои наши политички пирофили се фасцинирани од огновите, понекогаш до степен на длабоко емоционално задоволство и дури и сексуално возбудување. Политикантскиот профит тука му доаѓа како бонус.

Тие луѓе не се пиромани, не подметнуваат пожари, но толку многу се радуваат што други го прават тоа, што тоа несомнено е онаа социо-патолошка состојба којашто ние ја нарекуваме злорадост, а за која Германците имаат и еден широко познат термин – шаденфројде (schadenfreude).

Овој збор означува задоволство или радост поради туѓа несреќа, мака или пораз. Нашиот балкански еквивалент на овој термин е старата добра српска поговорка, која на македонски звучи вака – нема поголема радост од злорадоста.

Во психологијата и во психијатријата, колку што ми е познато, нема специфични дијагностички категории за овие состојби. Но, народот, кому со право му се припишуват феномените колективно паметење и колективна (народна) мудрост, умее да ги препознае и да ги означи како нехумано поведение.

Затоа мислам дека кога ќе дојде време да се сведуваат сметките за овие катастрофи – на избори, нормално, како и сите други сметки – народот ќе ги казни не само оние кои не биле доволно одговорни и активни во борбата со несреќите, туку уште повеќе оние кои гледале сеир и ги триеле рацете си задоволство, радувајќи се на туѓата мака.

 

Поврзани содржини