📽️ БИ СЕ ЖРТВУВАЛ ЗА ИРАН, НО САКА МИР СО САД Иранскиот претседател тврди дека Израел се обидел да го ликвидира
На прашањето дали верува дека Израел се обидел да го убие иранскиот претседател одговори потврдно, велејќи му на познатиот новинар Такер Карлсон дека службите на Иран успешно го спречиле овој обид.
Претседателот на Иран, Масуд Пезешкијан, во интервју изјави дека е подготвен да го жртвува својот живот за одбрана на татковината, но нагласи дека неговата земја не сака војна.
– Израел се обиде да ме убие, ама не успеа – му рече Пезешкијан на познатиот новинар Такер Карлсон.
Иранскиот претседател тврди дека Иран не е агресор и дека дека не е закана за САД, туку дека сака мир и соработка со оваа земја. Главната тема на разговорот, кој беше направен со помош на преведувач, беа тензиите меѓу Иран, САД и Израел и нападите врз иранските нуклеарни капацитети.
Пезешкијан ги отфрли обвинувањата дека Иран поддржува атентат врз американскиот претседател Доналд Трамп, нарекувајќи ги – „лага“ на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Тој нагласи дека Иран нема нуклеарна бомба и дека неговата нуклеарна програма е за мирнодобски цели, изразувајќи подготвеност за преговори со САД доколку се воспостави доверба. За израелските напади минатиот месец, рече:
– Ние не ја започнавме војната, само се браниме.
Прашан дали Иран ja финансира милитантната група Хезболах во Либан, Пезешкијан вели дека Иран помага на групи што се борат против, како што вели, угнетување и окупација. Тој изрази подготвеност да се сретне со Трамп, но ја истакна потребата од укинување на санкциите на САД за неговата земја.
На американскиот народ, Пезешкијан му порача:
– Иран не е ваш непријател. Сакаме мир и соработка.
На прашањето дали верува дека Израел се обидел да го убие тој одговори потврдно:
– Да, тие се обидоа. Дејствуваа соодветно, но не успеаја. Не беа САД зад обидот за мојот живот, туку Израел. Бев на состанок и тие се обидоа да го бомбардираат местото каде што се одржуваше состанокот. Нашите разузнавачки служби го спречија овој обид.