PAYSERA ВЛЕГУВА НА МАКЕДОНСКИОТ ПАЗАР Добиена првата лиценца за електронски пари во Македонија

Историски чекор за дигиталните финансии – до крајот на 2025 година, граѓаните и компаниите ќе добијат брзи, сигурни и евтини трансфери преку европскиот финтех гигант.

2,733

Народната банка на Република Северна Македонија ја издаде првата лиценца за издавање електронски пари – историски момент за дигитализацијата на финансискиот сектор во земјата. Новата лиценца му е доделена на „Paysera Macedonia“, локалната подружница на една од најстарите и најуспешни финтех институции во Европа.

Компанијата „Paysera“ е основана во 2004 година во Литванија, а денес брои над еден милион клиенти и располага со просечна актива од 500 милиони евра. Експанзијата во Северна Македонија е дел од нејзината регионална стратегија, со која сака да го донесе своето финтех искуство и кај македонските корисници.






– Ова се одлични вести за граѓаните на Северна Македонија. Нудиме широк спектар на дигитални решенија за плаќање и беспрекорна интеграција со глобални платформи. Главни корисници ќе бидат фриленсерите, корисниците на „Airbnb“ и компаниите за увоз-извоз, кои сега ќе уживаат во побрзи и попристапни трансфери на пари до и од ЕУ и другите пазари каде што работи „Paysera“ – изјави Башким Зеќири, основач на „Paysera Macedonia“.

Зеќири изрази и благодарност до Народната банка за професионалниот пристап при доделувањето на лиценцата.

– Многу сме среќни што работевме со толку професионален и поддржувачки тим во Народната банка, кој нè водеше низ целиот процес на лиценцирање – вели Зеќири.

Целосно лансирање до крајот на 2025 година

Во моментов е во тек техничка интеграција на системите, а целосното оперативно работење на „Paysera Macedonia“ се очекува до крајот на 2025 година. По активирањето, компанијата ќе понуди иновативни, сигурни и пристапни финансиски решенија прилагодени на потребите на граѓаните, малите бизниси, онлајн работниците и стартапите.

Ова е важен чекор напред за дигиталната трансформација во земјата, со кој се отвараат нови можности за економски раст, регионална поврзаност и олеснување на секојдневните финансиски трансакции.

Поврзани содржини