ТРЕТА ПАРТИЈА ЌЕ ГИ ЗБУНИ АМЕРИКАНЦИТЕ Трамп го исмеа планот на Илон Маск и го нарече „апсурден“
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека идејата за создавање трета партија е целосно апсурдна, нагласувајќи дека САД отсекогаш функционирале во рамки на стабилен двопартиски систем. Според него, Републиканците бележат голем успех, додека Демократите се без насока, а обидите за воведување нова партија само внесуваат забуна и не носат резултати.
Американскиот претседател Доналд Трамп ги оцени плановите на Илон Маск за формирање нова политичка партија како апсурдни, додавајќи дека Америка функционира најдобро во рамките на двопартиски систем.
Еден ден откако Маск го ескалираше конфликтот со Трамп, објавувајќи создавање нова партија, новинарите го прашаа американскиот претседател за коментар пред неговото заминување од Мористаун, Њу Џерси, каде што беше во посета на локален голф-клуб.
– Мислам дека е апсурдно да се создава трета партија. Имаме огромен успех со Републиканската партија. Демократите ја изгубија насоката, но секогаш постоел двопартиски систем и создавањето трета партија само предизвикува конфузија. Системот е создаден за две партии. Третите партии никогаш не функционирале, па Маск може да се забавува со тоа, но мислам дека е апсурдно – изјави Трамп.
Маск во саботата објави формирање на партијата „Америка“ во одговор на законот за намалување на даноците и на трошоците, предложен од Трамп, за кој милијардерот тврди дека ќе ја доведе земјата до банкрот. Маск, кој беше главен советник на Трамп за реформи во федералната влада на почетокот на неговиот мандат, изјави дека неговата партија ќе се обиде да ги отстрани републиканските конгресмени кои го поддржаа законот, наречен „Големиот прекрасен закон“, на идните избори.
Министерот за финансии Скот Бесент изјави за Си-Ен-Ен дека управните одбори на компаниите на Маск, „Тесла“ и „Спејс икс“, веројатно би сакале тој да се фокусира на бизнисот, а не на политиката.
– Претпоставувам дека одборите не беа задоволни од вчерашното соопштение и ќе го охрабрат да се концентрира на бизнисот – рече Бесент.
Маск потроши стотици милиони долари за поддршка на кампањата за реизбор на Трамп во 2024 година, честопати појавувајќи се покрај него во Белата куќа, но несогласувањата околу законот за трошоците доведоа до разидување. Законот, кој намалува даноци и зголемува трошоци за одбрана и гранична безбедност, беше усвоен минатата недела во Конгресот, но критичарите тврдат дека ќе го зголеми буџетскиот дефицит.
Трамп изјави дека Маск е незадоволен поради укинувањето на даночните олеснувања за електричните возила на „Тесла“, а во одговор на критиките, се закани дека ќе ги укине државните договори и субвенции за „Тесла“ и „СпејсИкс“.