ИМАМЕ ПОВЕЌЕ ОСИГУРЕНИЦИ ОД ЖИТЕЛИ – ДЕЛ СЕ ЛАЖНИ, ДЕЛ ЖИВЕАТ ВО СТРАНСТВО Боледувањата се користат за ескивирање од работа, тврди Клековски
Според директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, голем дел од јавните институции се соочуваат со висок процент на вработени кои се на боледување – на некои клиники дури и до 20%. Најкритична е состојбата во полицијата, царината и одбраната, поради што Фондот разгледува измени за поефикасна контрола на боледувањата.
Вкупниот број на осигуреници на здравствено осигурување е над 1.820.000 осигуреници, што е повеќе од бројот на жители според последниот попис. Фондот за здравствено осигурување веќе има иницирано формирање на интерсекторска работна група со цел да се утврди точниот број на здравствени осигуреници.
Според директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашко Клековски, меѓу нив најверојатно има македонски државјани кои живеат во странство, а кои не се одјавиле од земјава и продолжуваат да користат здравствено осигурување, но не ја исклучува можноста дека има и лажни осигуреници.
– Над половина од здравствените осигуреници се по други основи, а не по основ на плата и на осигурени деца. Покренавме иницијатива пред Владата да се преиспитаат критериумите. Тоа е интерсекторска работа која ќе потрае бидејќи имаме помалку жители од тоа што во моментот имаме здравствени осигуреници – истакна Клековски во изјава за медиумите.
Перосналот зема боледување за да ескивира работа
Од Фондот за здравствено осигурување ќе иницираат и измени на Законот за здравствена заштита, со цел да се подобри системот на контрола кај издавањето на боледувањата и боледувања да се даваат на оние пациенти на кои тоа навистина им е потребно.
– Во основа имаме околу 17.000 боледувања заради болест и околу 10.000 породилни боледувања. Зголемениот број барања на контроли произлегува од тоа што во институции од јавниот сектор има значаен број вработени кои се на боледување. Во здравството имаме клиники каде што 20% од вработените се на боледување, а посебен проблем имаме со боледувањата во полиција, царина и во одбрана и во основа веќе физички не можеме да одговориме на сите барања за боледувања, така што размислуваме како да предложеме измени за да се подобри системот на контрола на боледувањата – вели Клековски.
Директорот на Здравствениот фонд вели дека честопати се случува при зголемен обем на работа, персоналот да ги избегне обврските на работа така што ќе земе боледување.
– Кога тие ќе земат боледување, се поттикнуваат и другите вработени да бараат начин да го избегнат зголемениот обем на работа. Кај матичните лекари има јасно пропишани стандарди како може да се даваат боледувања, но ако ги погледнете дијагнозите, дека покрај акутните респираторни заболувања, речиси 50% од боледувањата во Фондот се за болести на рбетниот столб, а ако му го снимите рбетот на кој било вработен над 50 години, ќе излезе дека има спондилоза или лумбаго, па тогаш станува субјективно дали треба да се оди или не на работа – изјави Клековски.
Дополнителна мотивација за земањето боледувања, според Клековски, се и колективните договори во кои е предвидено 90 до 100% исплата на плата во време на боледување што во однос на приходите значи дека на вработените им е сеедено дали се на работа или не. Друг момент се и ниските плати во некои институции во јавниот сектор поради што луѓето земаат боледувања за да може да работат и втора работа.
Директорите на Фондот за здравствено осигурување денеска направија осврт на сработеното во изминатата една година откако се назначени, а како најзначајни резултати ги посочија проширувањето на Позитивната листа со лекови што било направено по 10-годишна пауза, зголемените плати во здравството, подобрените здраствени услуги, подобро финансирање на примарната здравствена заштита и поголемата ефикасност и дигитална трансформација на Фондот.