АВИОКОМПАНИЈАТА „РАЈАНЕР“ ОТКАЖА 170 ЛЕТОВИ Штрајкот во Франција го парализира воздушниот сообраќај, погодени се 30.000 патници
Извршниот директор на „Рајанер“, Мајкл О’Лири, ја повика претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, да преземе итни мерки за реформа на европската контрола на летање. Тој порача дека европските семејства повторно стануваат заложници на штрајкот на француските контролори, кој ги блокира прелетите на пат кон нивните дестинации.
Повеќе од 30.000 патници се погодени откако нискобуџетната авиокомпанија „Рајанер“ соопшти дека е принудена да откаже повеќе од 170 летови поради штрајк на француските контролори на летање.
Ирскиот превозник соопшти дека откажувањата денеска и утре ќе влијаат на летовите до и од Франција, како и на летовите над земјата до дестинации како што се Велика Британија, Грција, Шпанија и Ирска.
Извршниот директор на Рајанер, Мајкл О’Лири, повторно упати повик до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, да преземе „итни мерки“ за реформирање на услугите за контрола на летање (ATC) на Европската Унија во услови на нарушувањата, кои доаѓаат на почетокот на европските летни одмори.
– Повторно, европските семејства се заложници на штрајкот на француските контролори на летање. Не е прифатливо прелетувањата над францускиот воздушен простор, на пат кон нивната дестинација, да бидат откажани или одложени како резултат на уште еден штрајк на француската контрола на летање – изјави О’Лири.
Тој истакна дека тоа е „крајно неправедно кон патниците и кон семејствата од ЕУ кои одат на одмор.“
„Рајанер“ долго време се залага за ремонт на системот за контрола на летање низ Европа.
Компанијата бара ЕУ да обезбеди целосно екипирање на услугите за контрола на летање за првиот бран дневни полетувања, како и да ги заштити прелетувањата за време на националните штрајкови на контролите на летање.