„РЕПЛЕК“ ОТВОРИ НОВ ПОГОН Иневестицијата е во износ од 2 милиона евра
„Реплек“ инвестирал и рекордни 6,3 милиони евра во дигитализација автоматизација, модернизација, вклучително модерно ИРП интегрално системско решение од САП во нови производни капацитети, во развој на нови производи и нови линии.
Нов производствен капацитет вреден над 2 милионa евра беше свечено отворен денеска од фармацевтската компанија „Реплек“. Станува збор за високи технолошко и квалитетно решение, со висока продуктивност, со кое како што посочи генералниот директор на „Реплек“, Душан Пецовски, ќе се зголеми капацитетот на компанијата и нејзиното прилагодување на пазарите, а цврстите форми кои ги произведува компанијата ќе се зголемат за 25 %.
Овие инвестиции се дел од долгорочната стратегија на Реплек за севкупна модернизација на производствените процеси кои треба да овозможат одржлив раст и дополнително зголемување на извозната конкурентност на компанијата.
– Ова е целосна линија од почеток до крај, од таблетка до финална транспортна кутија и е прва најголема поединечна инвестиција во изминатите 80 години – рече Пецовски.
Тој посочи дека водени од визијата за благосостојба лани „Реплек“ инвестирал рекордни 6,3 милиони евра во дигитализација автоматизација, модернизација, вклучително модерно ИРП интегрално системско решение од САП во нови производни капацитети, во развој на нови производи и нови линии.
– Сето ова го правиме за да ни ја зголеми продуктивноста и ефикасноста на нашето работење. Во сите 80 години од нашето постоење „Реплек“ во континуитет успевал да се редефинира да се репозиционира и да се реоткрие, во нашето ДНК е да ги следиме и прифатиме светските трендови – рече Пецовски.
„Реплек“ во моментов е присутен во 25 држави, а планот е до 2030 година таа бројка да се зголеми на 40.
– Ако денес сме присутни во 25 земји во 2030 амбицираме тоа да бидат 40 земји и затоа до крајот на годината инвестициите во „Реплек“ ќе достигнат до рекордни 10 милини евра. Само изминатата година растот на нашата продажба изнесува 24 проценти и тој тренд очекуваме да продолжи во наредните пет години – истакна Пецовски.
Тој нагласи дека се задоволни од институциите од она што значи поддршка за пласирање на производите на компанијата на странските пазари.
Новата производствена технолошка линија се состои од 5 интегрирани единици, поставени во единствен тек со вкупна должина од 16 метри, со што се обезбедува максимална автоматизација, контрола и следливост.
Линијата е проектирана согласно највисоките стандарди во фармацевтската индустрија и се состои од целосно автоматизирана единица од реномираната италијанска компанија Marchesini Group, која овозможува брзо и прецизно блистирање, картонирање и серијализација – до 220 блистери во минута. Во новиот производствен блок е позиционирана нова машина за суво мешање IMA Cyclops, со двојно зголемен капацитет, нов магацин за полупроизводи, целосно нова перална и простории за чисти садови и целосна оптимизација на просториите за капсулирање.
Со оваа инвестиција, Реплек го потврдува својот стратешки фокус кон иновации, континуирано подобрување на производствените капацитети и обезбедување производи со врвен квалитет за корисниците и партнерите на домашниот и меѓународниот пазар.
На свеченото отворање се обрати премиерот Христијан Мицкоски, кој посочи дека на денешниот настан сведочиме на уште една позитивна приказна за македонската економија.
-„Реплек“, еден од симболите на континуитет, квалитет и професионализам, во годината кога слави 80 години постоење, прави нов, визионерски чекор напред. Со новиот фармацевтски производствен блок, „Реплек“ не само што го модернизира и автоматизира својот производствен процес, туку го зголемува капацитетот за примарно и секундарно пакување на цврсти фармацевтски форми за значајни 25 проценти. Тоа значи нова технологија, поголема ефикасност, повисоки стандарди, но и нова потврда дека нашата земја има потенцијал и капацитет за индустриски раст – нагласи премиерот.
Тој истакна дека силата на една држава не се мери само по нејзиниот буџет, туку и по храброста на нејзините луѓе да вложат, да создадат и да веруваат дома и додаде дека оваа инвестиција има особена тежина, затоа што е домашна.
-Станува збор за македонски капитал, за македонска компанија, за вложување во иднината на македонската индустрија. Во време кога често се зборува само за странски инвестиции, денеска овде покажуваме дека и домашните претприемачи, визионери и стопанственици, се моторот на развојот. Токму затоа, Владата што ја предводам, останува цврсто посветена на поддршката на домашните компании. Не само како економски субјекти, туку како двигатели на нашата иднина – рече Мицкоски.