УТРЕ СТИГНУВА ПЕКОЛНИОТ БРАН Над 40 степени во Македонија, надлежните со итни препораки до граѓаните

УХМР предупредува на екстремно топол бран, Институтот за јавно здравје повикува на внимателност, особено за повозрасните и хронично болните.

641

Македонија влегува во период на пеколни горештини – температурите од утре до средината на следната недела ќе бидат над 30, а локално и над 40 степени Целзиусови, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.

– Очекуваме сончево и многу топло време под влијание на топла воздушна маса од југ. Апелираме граѓаните да бидат претпазливи и да ги следат препораките од здравствените власти – изјавија од УХМР.






Според најавите, во недела попладне и навечер се можни локални врнежи и грмежи, но горештините ќе продолжат и понатаму.

Во меѓувреме, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) излезе со препораки за заштита, особено за постарите лица и хронично болните. Се препорачува избегнување директна изложеност на сонце од 11 до 17 часот, носење лесна облека, капа и очила за сонце, користење крем со УВ фактор над 30 и зголемен внес на течности – без чекање на чувство на жед.

Алкохолот, кофеинските пијалаци и екстремно ладните пијалаци се строго непожелни, а оние со ограничен внес на течности треба да се консултираат со својот матичен лекар.

– Особено е важно хронично болните со кардиоваскуларни, белодробни и невролошки заболувања да ги следат препораките, да ја земаат редовната терапија и при какви било промени да се јават кај својот лекар – велат од ИЈЗ.

Поврзани содржини