ДОМАШНИТЕ ИНВЕСТИТОРИ СЕ МОТОРИ ЗА РАЗВОЈ Новиот блок на „Реплек“ нема да произведува само лекови, туку и иднина на македонската економија
Премиерот Христијан Мицкоски потсети дека стратешка цел на владата е да ги олесни условите за водење бизнис на компаниите кои придонесуваат за подемот на земјата што веќе е видливо преку растот на индустриското производство и другите параметри кои придонесуваат за позитивната слика за македонската економија.
Ние веруваме дека силна економија не се гради само со странски капитал, туку со грижа за својот. За секој што решил да остане и има храброст да инвестира и да работи тука, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски на отворањето на новиот фармацевтски блок на „Реплек“.
– Оваа инвестиција има посебна тежина затоа што е домашна. Денес кога се зборува само за странски инвестиции, покажува дека и домашните претприемачи се исто така мотори за развој на економијата. Токму затоа владата останува посветена на инвестициите. Со новиот фармацевтски блок „Реплек“ не само што го модернизира и го автоматизира својот производен процес, туку го зголемува производството за 25%. Тоа значи нова технологија, повисоки стандарди и нова потврда дека нашата земја има потенцијал за економски раст – рече Мицкоски.
Тој потсети дека стратешка цел на владата е да ги олесни условите за водење бизнис на компаниите кои придонесуваат за подемот на земјата што веќе е видливо преку растот на индустриското производство и другите параметри кои придонесуваат за позитивната слика за македонската економија.
– Новиот блок на „Реплек“ е дел од сликата на Македонија која се гради за економија која е во подем. Оваа линија произведува не само лекови туку и надеж и иднина на македонската економија – рече Мицкоски во своето обраќање.
На отворањето на погонот на Реплек, покрај премиерот присуствуваа и министерот за здравство, Азир Алиу, директорот на МАЛМЕД, Сабри Алити и амбасадорот на Република Австрија, Мартин Памер.