СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО ВО МАКЕДОНИЈА РАСТЕ Тошковски вели дека бројките се алармантни, потребни се итни мерки

Министерот Тошковски нагласи дека Министерството активно работи на промените во процесирањето на овие случаи, со цел да се намали бројот на жртви.

400

Бројките за семејно насилство во државата се алармантни и побаруваат темелно и итно решение, истакна денеска министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

– Семејното насилство е секојдневен криминалитет кој нѐ погодува како општество, а загрижувачки е што многу жртви во втората фаза од процесот се повлекуваат од страв и притисоци, што ја отежнува целокупната борба против овој феномен – рече Тошковски по средбата со литванскиот министер во Скопје.






Министерот нагласи дека Министерството активно работи на промените во процесирањето на овие случаи, со цел да се намали бројот на жртви.

– Не можеме целосно да го искорениме семејното насилство, но мораме да најдеме начини како да ги заштитиме жртвите и да го намалиме бројот на страдања – додаде министерот.

Во однос на работата на Одделот за внатрешна контрола, Тошковски изјави дека е задоволен од постигнатите резултати во изминатата година, иако призна дека има простор за унапредување и професионализација.

– Резултатите се значително подобрени во споредба со периодот пред нашето доаѓање на власт. Зголемувањето на бројот на пријави и контроли говори дека Одделот работи посветено, но треба да продолжиме со професионализација и подобрување на ресурсите – изјави Тошковски.

Тој додаде дека со измените во новите Закони за внатрешни работи и полиција се овозможува подобра мултилатерална соработка со полициите од регионот и Европа, што ќе придонесе за уште поефикасно делување во иднина.

– Министерството ќе продолжи да се фокусира на професионализација и посветеност во рамките на Одделот за внатрешна контрола, со цел да ја зголеми довербата и ефикасноста во справувањето со криминалитетот, особено со семејното насилство – заклучи Тошковски.

Поврзани содржини