150 ИНСТИТУЦИИ И НАД 800 ЕКСПЕРТИ ЌЕ ГИ ПОДГОТВАТ ПРЕГОВАРАЧКИТЕ ПОЗИЦИИ НА МАКЕДОНИЈА Се спрема Академија за ЕУ, реформската агенда е заштитена од злоупотреба и од корупција

Пред една година започнавме со јасна цел: да ѝ дадеме нов импулс на европската агенда на земјава. Би сакал да потсетам и на зборовите на премиерот Христијан Мицкоски на отворањето на овој отчетен циклус, дека Владата не ветува чуда, туку чесна, одговорна и доследна работа. Тоа е и принципот на кој се темели и нашата работа во Министерството за европски прашања, рече министерот за европски прашања, Орхан Муртезани.

2,276

Денес, по 12 месеци посветена работа, подготвени сме да покажеме не само отчет, туку резултати што отвораат реални перспективи. Она што го најавив на претходната тематска прес-конференција за првите 100 дена, денес го надградуваме со спроведени политики, активирани фондови, конкретни институционални исчекори и со зголемена видливост на нашата евроинтеграција, рече министерот за европски прашања, Орхан Муртезани на тематска прес-конференција за првата година од мандатот на Владата.

– Пред една година започнавме со јасна цел: да ѝ дадеме нов импулс на европската агенда на земјава. Би сакал да потсетам и на зборовите на премиерот Христијан Мицкоски на отворањето на овој отчетен циклус: дека Владата не ветува чуда, туку чесна, одговорна и доследна работа. Тоа е и принципот на кој се темели и нашата работа во Министерството за европски прашања – рече Муртезани.






Во овие 12 месеци, направивме неколку важни нешта, посочи тој.

– Ја ревидираме преговарачка структура, на линија на новата реорганизација на органите на државната управа, земајќи ги предвид и новините во пристапните преговори во насока на зајакнување на дијалогот за ЕУ. Министерството за европски прашања е институцијата која ја има централната координативна улога во националниот механизам за координација на процесот на интеграција, но истиот вклучува околу 150 институции и над 800 експерти од администрација, кои ќе учествуваат во подготовката на преговарачките позиции. Сето ова го правиме со фокус на суштината, а тоа се реформите – рече министерот.

Најголемиот поттик за реформската енергија дојде преку Планот за раст и преку реформската агенда, додаде тој.

– Ги завршивме сите законски процедури пред останатите земји во регионот и ги повлековме средствата од претфинансирањето во висина од 52,5 милиони евра. Го доставивме и првото барање за ослободување на средства – 17 милиони евра, од кои над 9 милиони се за капитални инвестиции. Ова покажува политичка зрелост, лидерство и подготвеност да ја донесеме Европа дома, преку реализација на реформите во областа на владеењето на правото и зајакнувањето на правната држава, унапредувањето на системот за управување со јавните финансии, поддршката за енергетска транзиција и новите стандарди во корпоративното управување. Паралелно, го координираме ревидирањето на Индикативната листа на инвестициски проекти во рамки на Инструментот за раст и реформи и Реформската агенда и го планираме процесот на аплицирање при Инвестициската рамка за Западен Балкан. Листата во моментот опфаќа 19 проекти во вкупна вредност од 1,1 милијарда евра во рамки на кои се планирани 400 милиони евра грантови – рече министерот Муртезани.

Добиени се 4 грантови за техничка помош при Инвестициската рамка за Западен Балкан и аплицирано е со 2 проекти за техничка помош и 2 инвестициски грантови за техничка помош , додаде тој.

– Истовремено, го финализиравме програмирањето на ИПА 2025-2027, со 67 милиони евра насочени кон стратешки сектори, вклучително и владеење на правото, образованието, јавната администрација и иновациите. Оваа динамика е директен одраз на зајакнатата координација помеѓу институциите, што ја поттикнавме преку секторските работни групи и мониторинг механизми – посочи министерот.

Донесовме акти за структурата за Планот за раст кој ја дефинира структурата и координацијата на четирите столба од планот како и структурата за Реформската агенда, каде се дефинирани надлежностите за спроведување, следење, евалуација и за известување како и надлежностите за контрола и ревизија на реформската агенда, додаде тој.

– Нивната операционализација ќе овозможи да имаме ефикасен систем кој ќе обезбеди навремено спроведување на обврските и систем за рано предупредување за евентуални ризици, но и систем кој ќе врши контрола и ревизија во спречување на можни коруптивни активности или злоупотреби. Знаеме дека ниту една реформа не може да успее без институции што разбираат и зборуваат на ист јазик со Унијата. Затоа вложивме сериозни ресурси во превод на правото на ЕУ: над 20.000 страници, со дополнителни 35 милиони денари буџетска поддршка за 2025 година. Но, одиме чекор понатаму: со поддршка од Европската Комисија започнуваме пилот-проект за употреба на вештачка интелигенција во процесот на транспозиција и превод – рече тој.

Македонија е прва во регионот во овој напреден пристап, додаде министерот.

– Ревизијата на двата патокази кои се одредници за отворање на Кластерот 1 – Фундаментални вредности, Патоказот за владеење на правото и Патоказот за реформи во јавната адмиистрација  се финализираат, со надлежните институции и со ЕК, и штом се усвојат од Владата ќе бидат доставени до ЕК за нивна проценка. Третиот патоказ за функционални демократски институции се финализира и првиот драфт е доставен до Комисијата за неформални коментари , но тој не е одредница за отворање на првиот кластер. Нашето Министерство веќе функционира како вистински европски хаб – со Академија за ЕУ во подготовка, со воспоставени структури за координација, мониторинг и евалуација, со капацитети за комуникација со јавноста и со стратешки партнерства. Го презедовме претседателството со ЕУСАИР, а нашата програма за оваа макрорегионална иницијатива е веќе усвоена и активирана – рече министерот.

Оваа една година од мојата и работата на експертскиот тим во Министерството за европски прашања, покажува дека европските интеграции не се само декларативна цел, туку операционализирана политика, додаде тој.

– Работиме со факти, со бројки, со реални ефекти врз граѓаните. Со овие резултати, не само што го зацврстуваме кредибилитетот дома, туку испраќаме порака и до Брисел дека Северна Македонија е подготвена, со капацитети, со волја и со визија – рече министерот на денешниот отчет по овид една година од функционирањето на Владата.

Поврзани содржини