НЕМА ОДМОР ЗА ОБВИНЕТИОТ НЕТАНЈАХУ Обвинителството го одби барањето на премиерот за двонеделна пауза во судењето за корупција
Општите причини не се доволни за да се откажат 2 недели рочишта, изјави јавниот обвинител, отфрлајќи го барањето на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за одложување на судскиот процес.
Израелскиот јавен обвинител во петокот го одби барањето на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да се одложи неговото судење за корупција за 2 недели, објави Анадолија.
Нетанјаху побара од Окружниот суд во Ерусалим одложување на рочиштето, тврдејќи дека мора да се фокусира на други приоритети по израелската агресија врз Иран, вклучувајќи ја и темата за враќање на израелските заробеници од Газа.
Сепак, јавниот обвинител го одби неговото барање, а според израелскиот јавен сервис КАН, судењето треба да продолжи во понеделник, пренесува Анадолија.
– Општите причини наведени во барањето не можат да бидат основа за откажување на две недели судски рочишта – изјавил обвинителот.
Во изминатите неколку месеци, Нетанјаху двапати неделно се појавуваше пред судот за да одговара на обвиненијата против него, но рочиштата беа прекинати за време на неодамнешната војна меѓу Израел и Иран, која започна на 13 јуни и траеше 12 дена.
Во четвртокот, Нетанјаху јавно му се заблагодари на американскиот претседател Доналд Трамп за неговиот повик да се откаже судскиот процес против него – потег кој предизвика големи реакции и поделби во Израел. Поддржувачите на Нетанјаху го поздравија, додека, пак, опозицијата побара од Трамп да не се меша во израелскиот правосуден систем.
Нетанјаху се соочува со обвиненија за поткуп, измама и за злоупотреба на довербата, за кои доколку бидат докажани, може да доведат до затворска казна.
Во јануари тој започна испитувања поврзани со Случаите 1.000, 2.000 и 4.000, кои тој целосно ги негира. Обвинителството поднесе обвинителен акт за овие случаи кон крајот на ноември 2019 година.
Случајот 1.000 се однесува на прием на скапи подароци од богати бизнисмени за возвратни услуги за Нетанјаху и за неговото семејство.
Случајот 2.000 вклучува наводни преговори со Арнон Мозес, издавачот на израелскиот дневен весник „Једиот Ахронот“, за добивање позитивно медиумско покривање.
Случајот 4.000, кој се смета за најсериозен, се однесува на поволности дадени на Шаул Елович, поранешен сопственик на порталот „Вала“ и на телекомуникациската компанија „Безек“, во замена за поволно известување.
И покрај меѓународните повици за прекин на огнот, израелската армија спроведува брутална офанзива врз Појасот Газа од октомври 2023 година, при што беа убиени речиси 56.300 Палестинци, главно жени и деца.
Во ноември, Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант, поради воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со тужба за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради својата војна во енклавата.